Американец кој поминал 41 година чекајќи да биде погубен, откако бил прогласен за виновен за убиство на жена, е пуштен на слобода со кауција откако новоанализираните ДНК-докази не го поврзале со злосторството.
Даглас Стјуарт Картер, кој сега има 71 година, бил затворен за убиството на Ева Олесен во Јута во 1985 година. Тој бил осуден на смрт, но постојано тврдел дека е невин, наведувајќи дека потпишаното признание било изнудено.
Врховниот суд на Јута минатата година нареди ново судење, укажувајќи на неправилности во постапувањето на истражителите и вчера беше одобрено негово пуштање на слобода, и покрај противењето на семејството на жртвата.
Олесен била повеќепати избодена со нож, а потоа застрелана во задниот дел од главата во нејзиниот дом во Прово во февруари 1985. Картер, кој потекнува од Чикаго, во времето на убиството живеел со мајка му во Јута. Судските документи покажуваат дека полицијата се сомневала оти тој ја убил Олесен за време на грабеж.
Верувајќи дека е осомничен во друг случај, Картер побегнал од Јута, но на крајот бил пронајден во Нешвил, Тенеси. За време на испрашувањето, тој потпишал признание, за кое подоцна тврдел дека било изнудено.
Иако не постоеле материјални докази што го поврзувале Картер со местото на злосторството, поротата го прогласила за виновен врз основа на признанието и сведочењето на двајца сведоци, кои изјавиле дека тој се фалел со убиството.
Сепак, во 2011 сведоците рекле дека полицијата им наложила да лажат на суд, им дала пари и подароци и дека им се заканувала со депортација доколку не сведочат против Картер. Врховниот суд на Јута минатата година нареди ново судење.
Овој месец, обвинителите соопштија дека резултатите од ДНК-анализата го исклучиле Картер како можен извор на крвта пронајдена на квака и на генетскиот материјал земен од рачката на ножот.



