Директорот на Историскиот музеј во Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста. САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека дозволил споменикот Македониум во Крушево, заштитено културно наследство, да биде изнајмен за изнајмен за околу 500 евра за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони.
Оџаклиески, кој е кадар на ЗНАМ, во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниеден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка што била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.
Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност што не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.
„Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката“, вели Оџаклиески и се извин на јавноста за „настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст“, нагласувајќи дека извинувањето го упатува како „израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел“.
„НУ Историски музеј – Крушево е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција“, се вели во оставката.
Оџаклиески истакнува дека оставката ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата директор на јавна установа. Со овој чин, како што наведува, предност им дава на угледот и интересот на институцијата пред личното задржување на функцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно рече дека ќе побара од министерот за култура Седат Сулејмани да го разреши Оџаклиески.
„Ги следев тие реакции, навистина тоа кое што таму се случило, претставува нешто коешто не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што тој пропуст е направен и се случил и ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што уште денеска ќе побарам да бидат, и членовите на управниот одбор и директорот на таа културна институција, разрешени“, одговори денеска Мицкоски на новинарско прашање по промовирањето на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.
Денеска и министерот за култура Седат Сулејмани на прес-конференција за Годишната програма за култура, рече дека спотот бил снимен претходно, но оти за него ова е нов случај за кој дознал утрово, па ќе му требаат подетални информации. Сулејмани стапи на 13 јули со реконструкцијата на Владата како кадар на „Вреди“.
„Свесен сум за случајот. Ние како Министерство надлежни сме да ги браниме сите артисти и културни работници. Имаме еден случај што станува чувствителен. Но, за тоа ќе треба да видиме со правните служби како можеме понатаму ако треба некаква законска измена да се направи. Сè уште немам детални податоци и сме во процес и ќе видиме и со Владата ако треба ќе седнеме и ќе решиме. Деталите не ги знам, случајот е нов за мене, утрово дознав и ако кажам нешто веројатно ќе згрешам. Ќе земам дополнителни информации и ќе видиме како понатаму”, изјави Сулејмани.
Директорот на Историскиот музеј Крушево, Миха Оџаклиески, вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека продукцијата побарала дозвола и тие ја дале.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, ни изјави Оџаклиески.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева ни изјави дека од нив не е побарана дозвола за снимање во споменикот во Крушево. Директорката вели дека често до нив пристигнуваат барања за снимања на емисии, спотови, во објекти кои се заштитено културно наследство. Дозвола се дава ако е во согласнот со промоција на македонската култура, уметност и наследство.
Лани, македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“ снимен во истоимениот споменик.
Споменичкиот комплекс Македониум е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Изминатово лето споменикот, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска тогаш ни изјави дека се работи за привремено решение и дека основниот проект за санација за добро во опасност поминал низ Националниот конзерваторски центар (НКЦ) и Управата за заштита на културното наследство. По нејзината изјава, директорката Честоева кажа дека Управата не дала дозвола за конзерваторските работи на споменикот Македониум да се постават металните решетки и дека следи инспекциски надзор. Уште се чекаат резултатите од од инспекцискиот надзор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



