„Со Ромео Грил како тинејџери влегувавме во студио и правевме музика која е безвременска, а денес повторно гледам млади, тинејџери, повозрасни луѓе како реагираат на тие песни. Видете, тоа е непроценливо богатство. И денес со Ромео работиме со радост на тинејџери“, рече Калиопи на денешната прес-конференција пред концертот на 17 октомври во Скопје .
Калиопи, која уште како девојче настапувала на „Златно славејче“, вели дека за неа најголемото богатство е што музиката направена пред повеќе децении продолжува да живее и кај младата публика.
„Пред некое време си помислив дека со ‘Мојата учителка’ настапив на Златно славејче во 1976. Неверојатно е дека оттогаш поминале 50 години“, додаде Калиопи.
Таа викендов ќе отпатува и во Хрватска, каде што ќе биде специјална гостинка на концертите на Тереза Кесовија во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Како што кажа, поканата ја добила лично од Кесовија.
„Имам голема привилегија и чест да го доживеам тој момент. Знаете дека распродадените концерти на Тереза Кесовија во ‘Лисински’ се последните два настапи во нејзината кариера, проштални? Лично ми се јави и ме покани да бидам гостинка и тоа за мене е голема чест и привилегија. Секако, ќе ја испочитувам до максимум“, рече Калиопи.
Таа додаде дека настапот со славниот шпански тенор Јосе Карерас на скопскиот плоштад на 1 септември по повод Денот на независноста и гостувањето кај Кесовија се најважните моменти во нејзината кариера во изминативе месеци.
Калиопи додаде дека за еден музичар е многу поважно да трае отколку само во одреден момент да биде забележан.
„Ромео е навистина вонвременски. Има направено многу свои албуми, многу своја музика и сето тоа допрело до публиката. Тој човек некако знае да го најде тој икс-фактор во музиката“, рече Калиопи за поранешниот сопруг и продуцент.
Таа најави дека концертот на 17 октомври во „Т-Арената“ ќе биде поинаков од нејзините претходни настапи, со изменет концепт.
„Ќе имам различен концепт и во однос на музичарите на сцена. Јас ги обожавам моите луѓе кои се со мене во бендот, тоа е моето второ семејство. Сега направивме некои дополнувања и, секако, интересен ќе биде и репертоарот. Ова ќе биде ноќ на радост, ноќ во која ќе евоцираме спомен. Ќе биде една посебна ноќ. Нема да ве оставам без одредени балади кои ќе треба да ни дадат малку оддишка, но потоа нема да седнете на столчиљата. Ќе биде журка“, рече таа.
Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“ кажа дека соработката со Калиопи пред две години била почеток на нивната одлука повторно поинтезивно да се посветат на домашната музичка сцена.
„Мојот предлог беше – ќе се вратиме да работиме со македонски музичари само ако првиот прифати. Им кажав на соработниците, ако прифати Калиопи, ќе продолжиме да работиме македонски концерти. Многу ми е драго што тој концерт со неа во 2024 беше еден вид камбек на македонската музика“, рече Стефановски.
Водителот и новинар Марко Марк рече дека концертите на Калиопи секогаш имаат различна динамика која ја држи публиката на нозе.
M. ЏАРОВСКА




