ОБВИНЕТИОТ СУДИЈА ЃОКО РИСТОВ ЌЕ ЈА ЗЕМЕ И СЕПТЕМВРИСКАТА ПЛАТА, СУДСКИОТ СОВЕТ ГО РАЗРЕШИЛ НА КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ

    ОБВИНЕТИОТ СУДИЈА ЃОКО РИСТОВ ЌЕ ЈА ЗЕМЕ И СЕПТЕМВРИСКАТА ПЛАТА, СУДСКИОТ СОВЕТ ГО РАЗРЕШИЛ НА КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТДосега Ристов бил само суспендиран и оддалечен од работното место, но не и разрешен од судиската функција. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет на последната, 557-та седница одржана на 30 септември 2026 година, го разрешил обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов од функцијата, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК член на Советот.

    Тоа значи дека Ристов ќе ја земе и септемвриската плата цела, без никакви одбитоци, иако е во притвор од 18 јануари 2026 година, обвинет е и не оди на работа.

    Досега Ристов бил само суспендиран и оддалечен од работното место, но не и разрешен од судиската функција.

    „Поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, судија се разрешува од вршење на судиската функција“, стои во соопштението објавено на сајтот на Судскиот совет, без да се спомене име.

    Но, сопругата на обвинетиот Ристов, на фејсбук-профилот напиша дека одлуката на Судскиот совет за нејзиниот сопруг не ги изненадила и обвини дека бил разрешен со наводен притисок врз членовите.

    Судскиот процес против овој судија во чија семејна куќа во Неготино Обвинителството за организиран криминал и корупција најде закопани во ѕид 350.000 непријавени евра, почна на 28 мај во Кривичниот суд Скопје и уште е во тек доказната постапка.

    Обвинението вели дека во периодот од 10 февруари 2020, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена, Ристов давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Од поведувањето на постапката, обвинителката презела повеќе дејствија со кои обезбедила цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдиле елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а.

    Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедиле докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик.

    Истражителите на 18 јануари дупката ја откриле со тропање т.е. по различниот звук и преку погрешно залепена плочка во кујната. Големиот куп евра во крупни банкноти во семејната куќа на Ристови беше откриен откако претходно беше фатен адвокатот Фехми Стафа при земање 50.000 евра, за кои во истрагата рекол дека се за Ристов.

    Според она за кое јавноста е официјално информирана, рекордот на обвинет/притворен функционер кој не одел на работа а за целото тоа време земал плата, го држи ексградоначалникот на Битола Владимир Талески од предметот „Транспортер“. При контрола во Апелациониот суд Скопје, членови на Судскиот совет открија дека сега разрешениот судија Енвер Беџети, овој предмет го чувал во фиока над 2,5 години, а за целото тоа време обвинетиот Талески земал редовна плата од Битолскиот театар.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира