ПОСТАВЕНИ ФИЗИЧКИ БАРИЕРИ ВО ПЛАНИНСКИТЕ ПРЕДЕЛИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ШАР ПЛАНИНА“ ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ДВИЖЕЊЕТО СО МОТОРНИ ВОЗИЛА

    ПОСТАВЕНИ ФИЗИЧКИ БАРИЕРИ ВО ПЛАНИНСКИТЕ ПРЕДЕЛИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ШАР ПЛАНИНА“ ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ДВИЖЕЊЕТО СО МОТОРНИ ВОЗИЛАПосетителите што сакаат со четирицикли или со други моторни возила да се движат низ паркот, можат од установата да побараат карта со означени патеки на кои е дозволено такво движење. (Фото: НП „Шар Планина“)

    Неодамна од Националниот парк „Шар Планина“ упатија апел до сопствениците на четирицикли, мотоцикли и други моторни возила да не се движат надвор од утврдените патеки и во строго заштитените зони на Националниот парк, бидејќи на тој начин ја уништуваат природата. Но, по сè изгледа, тој апел не дал резултати. Деновиве од установата почнаа да преземаат конкретни мерки за заштита на високопланинските предели, со поставување огради и бариери за да се спречи пристапот до местата каде што е забрането движење со моторни возила.

    „За подобра контрола, чуварите на природата на ЈУ Национален парк ‚Шар Планина‘ изработија и поставија физички препреки на повеќе недозволени пристапи во пределот на Јелак и Попова Шапка. На дел од локациите влезовите претходно беа затворени и со механизација на Армијата, а ова е дополнителна интервенција за спречување на недозволеното движење. Возењето надвор од дозволените патишта ги оштетува почвата и високопланинските пасишта, ги вознемирува дивите животни, создава проблеми за сточарите и нивните стада, но негативно влијае и врз планинарите и другите посетители кои доаѓаат на планината за мирно и безбедно доживување на природата“, соопштуваат од НП „Шар Планина“.

    Посетителите што сакаат со четирицикли или со други моторни возила да се движат низ паркот, можат од установата да побараат карта со означени патеки на кои е дозволено такво движење.

    „Возете само таму каде што е дозволено. Пасиштата и планинските предели не се полигони за возење“, велат од НП „Шар Планина“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира