РУСИЈА ЧЕТВРТИ ДЕН ПО РЕД ГИ НАПАЃА ГЛАВНИТЕ МОСТОВИ ВО КИЕВ, НАЈНОВИОТ УДАР СЕ СЛУЧИ ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА МЕРЦ

    РУСИЈА ЧЕТВРТИ ДЕН ПО РЕД ГИ НАПАЃА ГЛАВНИТЕ МОСТОВИ ВО КИЕВ, НАЈНОВИОТ УДАР СЕ СЛУЧИ ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА МЕРЦНајновиот напад врз мостот се совпадна со ненадејната посета на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Киев. (Фото: Икс)

    Главните мостови во Киев четири дена по ред се цел на руски напади, додека Москва ги засилува ударите врз критичната инфраструктура во украинскиот главен град. Северниот мост беше погоден во неделата наутро, само еден ден по првиот удар врз истиот објект со кој беше оштетен коловозот и дојде до прекин на сообраќајот.

    Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека при неделниот напад врз мостот бил оштетен главен топловод, поради што североисточниот реон Десњански привремено остана без топла вода. Во нападот нема пријавени жртви. Кличко на Телеграм објави дека е погоден коловозот на Северниот мост и дека итните служби веднаш се упатиле на терен.

    Најновиот напад врз мостот се совпадна со ненадејната посета на германскиот канцелар Фридрих Мерц на Киев. Додека спасувачките служби интервенираа на местото на настанот, Мерц во градот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што двајцата положија венци за загинатите украински војници. Мерц ја потврди германската поддршка за Украина и вети дополнителна помош за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана.

    На мрежата Икс, германскиот канцелар напиша дека Украина се соочува со одлучувачки недели и дека допатувал во Киев за да пренесе дека земјата може да се потпре на Германија. Тој додаде дека германската безбедност зависи од исходот на оваа војна и оти Германија помага и од сопствен интерес. Мерц изјави дека на Украина ѝ е потребна сета помош во претстојните недели и предупреди дека ако Русија не биде запрена, нејзината воена машинерија порано или подоцна ќе се сврти против нив. Откако Мерц стана канцелар во мај 2025 година, Германија е најголемиот поединечен донатор за Украина.

    Зеленски во повеќе наврати побара од западните сојузници да испратат поголема воена помош, вклучително и напредни системи за пресретнување што можат да ги соборат новите руски дронови на млазен погон. Нападите врз големите мостови во Киев се толкуваат како нова стратегија на Москва. При првиот удар врз Северниот мост во саботата беа повредени две лица и беа оштетени коловозот и тролејбуската контактна мрежа. Претходно, со повеќе руски дронови беше нападнат и Јужниот мост. Двата моста се наоѓаат на реката Днепар и ги поврзуваат западниот и источниот дел на градот, а не беа напаѓани пред четвртокот. Поради првичните напади врз Јужниот мост, советот за одбрана на Киев во петокот одржа вонреден состанок, при што Кличко предупреди дека градот е во многу драматична состојба поради постојаните удари врз критичната инфраструктура, логистиката и домовите.

    Русија соопшти дека ги погодила двата моста затоа што се користеле за превоз на украински војници и воена опрема. Москва истовремено го повтори предупредувањето странските државјани и дипломатите да го напуштат Киев. Амбасадорката на Европската Унија, Катарина Матернова, на мрежата Икс напиша дека делегацијата на ЕУ останува во градот и дека заканите нема да ја запрат европската поддршка, туку само потсетуваат зошто таа е потребна. Германскиот амбасадор во Украина, Борис Руге, одговори на нејзината објава со потврда дека и тие остануваат.

    Воени експерти оценуваат дека е малку веројатно руските дронови целосно да ги урнат мостовите, но постојаните напади ќе наложат нивно затворање и се закануваат да ја ослабат нивната конструкција, правејќи ги неупотребливи. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија дејствува како одговор на украинските удари врз руски енергетски капацитети, иако Москва беше таа што прва почна такви напади. Русија ја почна целосната инвазија врз Украина во 2022 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира