Штипските археолози ќе бараат од Министерството за култура и туризам и од други надлежни институции нова поддршка за продолжување на истражувањата на локалитетот Грнчарица, во близина на железничката станица „Ванчо Прќе“ кај селото Крупиште. Таму на 21 март 2008 година беа пронајдени коскени остатоци од човечки скелет и една земјена печка за топење метал, па се смета дека во таа околина сигурно има и други вредни остатоци од разни временски периоди.
Покрај штипските археолози, во истражувањето работеле и археолози од Велес. Како што велат нивните помошници кои работеле на овој проект, печката била однесена на натамошни испитувања во музејот во Скопје, а коскените остатоци од човечкиот скелет се изложени во посебна витрина во Музејот во Штип и во секое време се достапни за заинтересираните посетители.
Тогашниот директор на Музејот во Штип, Зоран Читкушев, вели дека дел од заб и дел од пронајдениот скелет биле испратени на ДНК и други испитувања во Глазгов, Шкотска, каде што е утврдено дека пронајдените остатоци во Грнчарица се стари 9.000 години, односно датираат речиси од 7000 година пред нашата ера, или поточно, според добиениот сертификат, неолитскиот скелет потекнува од 6740 година п.н.е.
„Истовремено побаравме мислење и од археолошките институти во Италија, кои со писмен допис во 2012 година ги потврдија наодите на археолозите од Шкотска. Со нив е поврзана една интересна случајност. Неколку археолози и експерти од Глазгов, на пропатување, престојуваа во Македонија. При една случајна средба со нив, ги поканив да бидат гости на Штип. Во разговорот дојдовме и до темата за пронајдениот скелет. Тие ни предложија, без никаков надомест, да извршат испитување на остатоците во нивните лаборатории. По извесно време добивме известување дека по извршените ДНК и други анализи се утврдило оти остатоците датираат од пред речиси 7000 години п.н.е., односно дека денес се стари околу 9.000 години“, вели Читкушев.

Музејот во Штип, каде што меѓу бројните археолошки експонати се наоѓаат и делови од човечкиот скелет кој датира од 6740 година п.н.е. (Фото: СДК.МК)
Според археолозите во Шкотска, при вакви испитувања староста може да варира најмногу до 35 години во плус или минус. Исто така, со анализите била потврдена тезата на македонските археолози дека најдениот скелет е од маж, погребан во раните фази на неолитот, бидејќи во тоа време мажите биле погребувани странично, со главата свиткана кон нозете. Македонија платила само 220 фунти за радиојаглеродната анализа извршена во археолошкиот институт во Глазгов. Врз основа на овие испитувања и резултати, Македонија денес располага со најстариот археолошки експонат во Југоисточна Европа, а Грнчарица е најстариот ваков локалитет во овој дел од континентот.
Познатиот македонски археолог, конзерватор и советник во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, Митко Штерјов, во врска со името Славе Македонски објаснува дека самите истражувачи го дале тој назив откако пронајдените остатоци биле ставени во кутија на која пишувало „за Славе Македонски“, па решиле и неолитскиот наод да го заведе под тоа име. Штерјов се надева дека моштите на пронајдениот скелет, кои веќе се наоѓаат во витрините на Музејот во Штип, нема да бидат присвоени од соседите. Тој планира, доколку продолжат истражувањата на овој локалитет, проектот да опфати целосно уредување на Грнчарица и нејзино трансформирање во атрактивен археолошки комплекс, кој се наоѓа во непосредна близина на патната и железничката инфраструктура крај селото Крупиште.
Т. ЈОВАНОВСКИ



