На археолошкиот локалитет Расница кај струшкото село Корошишта, Националниот археолошки музеј денеска ги презентираше најновите резултати од археолошките истражувања, кои донесоа ново и исклучително значајно откритие – богато војничко погребување од VI век пр. н.е. со комплетна воена опрема и предмети што укажуваат на висок општествен статус на погребаниот. Се работи за скелетно погребување, а од анализите што допрва ќе се прават ќе може да се утврдат полот и возраста на покојникот, дали боледувал од одредени заболувања, како и дали и во какво сродство бил со покојникот од претходно откриениот гроб во 2024.
Меѓу најзначајните наоди се бронзен шлем, штит, копја и меч, а особено внимание привлекува златна фолија откриена покрај штитот, за која археолозите претпоставуваат дека можеби била поставена преку лицето на покојникот и претставува своевиден тип златна погребна маска. Фолијата допрва ќе биде конзервирана и детално обработена во лабораторија, по што ќе бидат објавени дополнителни сознанија за нејзината намена и форма.

Се работи за скелетно погребување, а од анализите што допрва ќе се прават ќе може да се утврдат полот и возраста на покојникот, дали боледувал од одредени заболувања, како и дали и во какво сродство бил со покојникот од претходно откриениот гроб во 2024. (Фото: Археолошки музеј)
Во гробот се откриени и бронзени садови, сребрена игла, килибарни и стаклени мониста, златен прстен, како и други предмети изработени од различни материјали. Комплетот на оружје, накит и престижни предмети укажува дека станува збор за личност со висок статус во заедницата и значајна воена улога.
„Архејски богат гроб, погребување, се работи за архејска некропола, не за случаен наод во близина на познатата Требенишка некропола. Погребувањето е значајно оти се работи за покојник кој е погребан со целата воена опрема – бронзен шлем, штит, копја, меч. Покрај самиот штит откривме и златна фолија која служела за покривање на лицето на покојникот, или еден своевиден тип на златна маска, која допрва во лабораторија ќе ја заштитиме, па потоа ќе излеземе во јавност за да кажеме за каков тип на фолија станува збор“, рече д-р Перо Арџанлиев, кустос-советник во Националниот археолошки музеј.

Повеќе не се работи за едно изолирано и случајно откритие, туку со сигурност се работи за некропола. (Фото: Археолошки музеј)
Според првичните сознанија на археолозите, златната фолија можеби е и постара од наодите од Требенишката некропола, додека монументалноста на гробниците откриени на Расница веќе покажува значајни димензии и карактеристики.
„И со првото откритие во 2024 година го откривме самиот контекст на погребувањето, што е научно доста значајно. Тука фативме некои моменти кои, за жал, биле пропуштени на Требенишката некропола“, кажа Арџанлиев.
На локалитетот Расница, во 2024 година археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
„Повеќе не се работи за едно изолирано и случајно откритие. Денес сме тука за со сигурност да презентираме дека се работи за некропола. Ќе продолжиме и понатаму и истражувањата ќе прераснат во систематски археолошки истражувања на овој простор“, рече директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова.
Согласно надлежностите, од Управата за заштита на културното наследство најавија дека ќе предложат до Владата археолошките истражувања на Расница да добијат статус на капитален проект, со повеќегодишни и континуирани истражувања, што би овозможило нови археолошки резултати и подобра презентација на богатото културно наследство.
За земјиштето на кое се наоѓа локалитетот, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, кажа дека согласно Законот за заштита на културното наследство и правото на правичен надоместок, ќе се излезе во пресрет на семејството во чија сопственост е земјиштето, со што ќе се регулираат и имотно-правните односи.
Во истражувањата на локалитетот учествува и Нционалната установа (НУ) Завод и музеј – Охрид, како партнер во проектот.
Новото откритие ќе биде посветено на 35-годишнината од независноста на државата.
С. ВРЕНЦОВСКА



