Унгарската нискобуџетна компанија „ Визер“ превезла најголем дел од патниците на македонските аеродроми во првите девет месеци од годинава, со удел од 63,8% на Скопскиот и дури 70% на Охридскиот аеродром, покажуваат податоците на ТАВ Македонија.
Од јануари до септември, Меѓународниот аеродром Скопје опслужил 3.065.692 патници, што е раст од 29,07% во однос на истиот период лани. Од нив, 63,8% биле патници на „Визер“. На второ место е турската нискобуџетна компанија „Пегасус ерлајнс“ со удел од 9,4%, по што следуваат „Туркиш ерлајнс“ со 4,6%, нејзината нискобуџетна подружница „Аџет ерлајнс“ со 3,5% и австриската „Аустриан“, со 3,4% од превезените патници.
Уште поголем е уделот на „Визер“ во Охрид. Од вкупно 265.993 патници кои во првите девет месеци го користеле аеродромот „Свети Апостол Павле“, 70% биле превезени со унгарскиот превозник.
Вкупно, двата македонски аеродрома во периодот јануари-септември опслужиле 3.331.685 патници, 29% повеќе од истиот период во 2025 година. Бројот на летови достигнал 22.147, што е раст од 10%.
Најфреквентна дестинација од Скопје е Истанбул, со 13,5% удел во патничкиот сообраќај, кога се земаат предвид двата аеродрома во турскиот град. Следуваат Базел-Милуз со 4,4%, Минхен со 4,1%, Дортмунд со 4% и Цирих со 3,8%.
Од Охрид најмногу патници патувале кон Братислава, која има 14,4% удел, а потоа следуваат Базел со 12,5%, Дортмунд со 12,4%, Меминген со 11,7% и Цирих со 8,7%.
Растот на македонскиот авијациски пазар го потврди и АЦИ Европа, според чии податоци Северна Македонија во август била втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа, со раст на патничкиот сообраќај од 34,8%.



