За возење со брзина двојно поголема од дозволената, Холанѓанец и Романец освен парична казна добија и условни затворски казни и забрана за управување со возило низ Македонија. Прекршоците се регистрирани со системот „Безбеден град“.
Тие беа уапсени на граничниот премин Табановце, Холанѓанецот Д.Г.Т. (24) на 5 октомври, а Романецот Г. М. (43) на 6 октомври. Двајцата се обвинети за кривичното дело Безобѕирно управување со моторно возило.
Од Основниот суд во Неготино соопштија дека, врз основа на казнен налог, им е изречена алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши ако обвинетите во рок од една година по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. Изречена им е и забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија во траење од една година на територијата на Македонија, како и парична казна во висина од илјада евра во денарска противвредност.
Истиот ден кога е уапсен, Романецот возел „бмв“ со брзина од 178 километри на час, на место каде што максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час. Холанѓанецот, пак, на 26 август во 14:22 часотвозел „бмв“ со брзина од 175 километри на час, на место каде што максималната дозволена брзина изнесува 80 километри на час. Обајцата возачи возеле пребрзо, повеќе од двојно над предвидената брзина, во близина на тунелите кај Демир Капија.
П. ПЕЧКОВ



