МУЗИКАТА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЛУШНИ МЕ“ ЗА СЛАТКАРИСТИКА СЕ СНИМА ВО СТУДИОТО „ФЕЈМС“ ВО СКОПЈЕ СО МЛАДИ МУЗИЧАРИ ОД ЕВРОПА

    МУЗИКАТА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЛУШНИ МЕ“ ЗА СЛАТКАРИСТИКА СЕ СНИМА ВО СТУДИОТО „ФЕЈМС“ ВО СКОПЈЕ СО МЛАДИ МУЗИЧАРИ ОД ЕВРОПАМарко Маринковиќ-Слаткаристика и композиторот Лазар Цветковски, на снимањето со музичарите од Институтот „Фејмс“ (Фото: „Иноватива“)

    Во студиото „Фејмс“ во Скопје се снима музиката за „Слушни ме“, музичкиот документарен филм за раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика и неговиот лична борба со пелтечењето. Автор на поголемиот дел од музиката е Лазар Цветковски, а ја изведува оркестар составен од млади музичари од различни европски земји и пошироко, учесници на Институтот „Фејмс“ во Скопје. Режисер на „Слушни ме“ е Раша Петровиќ, а сценаристка е Кристина Ризоска.

    „Пресреќен сум што имам можност своите песни да ги слушнам во една ваква оркестарска изведба. За мене ова е навистина посебен момент, музиката што е дел од мојата приказна добива нов живот, нова емоција и поинаква сила“, рече  Слаткаристика на снимањето.

    Институтот „Фејмс“, основан во 2021 година, и им овозможува на класичните музичари да работат со меѓународни ментори и диригенти и да стекнат искуство во снимање музика за филмови, телевизија и видеоигри.

    „Институтот ‘Фејмс’ е простор во кој младите европски музичари учат преку реален професионален процес. Особено ни е значајно што едно вакво светски признаено студио функционира во Скопје и што сме дел од создавањето оригинална музика за македонски филм со силна општествена и инклузивна порака“, вели Стефан Ношпал од „Фејмс“.

    За потребите на снимањето е обезбедено професионално студио, простории за проби, оркестар, диригент, тон-мајстор и целосна техничка опрема. Младите музичари учествуваат во сите фази на создавањето на филмската музика, од подготовката на партитурите и пробите до финалното студиско снимање.

    Документарецот „Слушни ме“ го следи животниот пат на Слаткаристика, од несигурностите во детството до успехот на музичката сцена.  Филмот зборува за пелтечењето и прифаќањето на различностите.

    Во мај годинава филмот доби поддршка од 1,5 милиони денари (околу 24.000 евра) од Агенцијата за филм, но Слаткаристика и авторскиот тим се откажаа од средствата по критиките во јавноста.  Раперот тогаш кажа дека парите не му биле доделени нему лично, туку на филмскиот проект, на кој екипата работела две години. Тој рече дека не сака филм кој зборува за разбирање и прифаќање да започне со поделби, и најави дека снимањето ќе продолжи без пари од Агенцијата.

    Филмот е во копродукција на „ОХО продукција“ и „Иноватива груп“, а премиерата се очекува на почетокот на 2027.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира