ДЕБИТО НА АНДРЕЈ ВОЛКАШИН „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ТАЛИН

    ДЕБИТО НА АНДРЕЈ ВОЛКАШИН „СЛАДОСТА НА ГОРЧЛИВИТЕ НЕШТА“ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ТАЛИНВолкашин го опиша филмот како женска приказна за забранета њубов, а дејството го носат главните актери Зорица Нушева и Лео Долорес Поповиќ (Фото: К. Попов)

    Дебитантскиот филм на Андреј Волкашин „Сладоста на горчливите нешта“ ќе има светска премиера на 17 ноември на 30. издание на Филмскиот фестивал во Талин, што во 2014 доби статус од А категорија. Филмот ќе се прикаже во натпреварувачката програма Прв филм за филмови од дебитантски автори и ќе има вкупно три проекции за време на фестивалот што ќе се одржи од 6 до 22 ноември.

    Волкашин, кој е режисер и сценарист на филмот, го опиша „Сладоста на горчливите нешта“ како женска приказна за забранета љубов, додавајќи дека е инспириран од роман што го пишувал порано. Филмот се снимаше во селото Петрово над Гевгелија и во Демир Капија.

    „Се чувствувам како да сонувам, а уште не сме ни на премиерата во Талин. Причината за тоа е што дебитантски филм се прави исклучително долго и страсно. Сценариото се промени многупати затоа што јас сакам да црпам од екипата. Ова сценарио произлегува од романот што го пишував многу долго време за мојата баба, мојата тетка, мајка и сите жени во поширокиот круг на фамилијата. Јас сум од мало место каде што традицијата е прилично ригорозна и има многу јасни барања од мажите и од жените какви треба да бидат. Филмот не е никаква екранизација, ниту биографски како романот, но оттаму ми дојде инспирацијата“, рече Волкашин.

    Се чувствувам како да сонувам, а уште не сме ни на премиерата во Талин, рече Волкашин. (Фото: К. Попов)

    Дејството на филмот го носат главните актери Зорица Нушева (Дора) и Лео Долорес Поповиќ (Бандида).

    „Дора е лик кој се движи помеѓу грижата, страстите, тајната и вината, лик кој е постојано во борба помеѓу грижата за семејството и куќата од една страна и скриените желби и страсти од друга страна. Таа е жена која ја истражува својата сексуалност, но со вина и со страв од осуда“, рече Нушева.

    Поповиќ призна дека снимањето на филмот ѝ било најубавото искуство досега, ама не било удобно.

    „Ова беше улога каде што морав најдлабоко во себе да брцнам. И не беше презабавно. Беше грдо, извитоперено и изопачено и морав да се погледнам себеси со многу други очи. Бандида може да биде секој. Мислам дека сите имаме Бандида во животот“, кажа Поповиќ.

    Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Бугарија, со поддршка од Холандија и Еуримаж, а беше поддржан со 19 милиони денари (310.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во првиот рок во 2020.

    Во актерската екипа се и Ана Костовска и Јана Никодиновска. Директор на фотографија е Кирил Проданов, сценографијата е на Бојана Бачварова, костимографка е Илина Чолак, а маската и шминката се на Симона Ристевска. Продуцентка на филмот е Елена Станишева, а копродуценти се Павлина Ангелова, Николај Тодоров и Звонимир Муниврана.

    Ова е вторпат македонски филм да е во конкуренцијата во Талин, по „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во 2017, а „17“ на Косара Митиќ годинава ќе игра во паралелната селекција Детски права.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира