Со градежна механизација деновиве се уриваат тезгите на Бит Пазар. Просторот каде што се уриваат тезгите е приватен имот во сопственост на „Скопски пазар“, кој врши реновирање на пазарот.
Од Општина Чаир велат дека на просторот нема да се градат објекти, туку станува збор за замена на постојните продажни боксови, кои со текот на годините се амортизирале, со нови и современи.
„Целта е Бит Пазар да добие целосно уреден, модерен и унифициран изглед, како што веќе има поголемиот дел од пазарот. Со обновувањето на преостанатиот дел се создаваат подобри и похигиенски услови за работа за продавачите, но и поуредна, почиста и попријатна средина за сите граѓани кои секојдневно го посетуваат пазарот. Важно е да се нагласи дека суштинската намена на просторот не се менува. Постојните продажни места остануваат, но добиваат нов и посовремен изглед, а продавачите продолжуваат да ја извршуваат својата дејност. Целта е процесот на модернизација да придонесе Бит Пазар да стане пофункционален, поуреден и попријатен простор и за оние кои работат таму и за граѓаните“, велат од Општина Чаир.
А. АНТЕВСКА



