ДЕЦА ОД ЦЕЛА ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА СЕ НОСАТ ДА ПИТАЧАТ ВО ОХРИД И СТРУГА, ДЕВОЈЧИЊА СЕ ПРОДАВААТ ЗА СЕКС, ПОЛИЦИЈАТА ИСТРАЖУВА ОРГАНИЗИРАНА ШЕМА

    ДЕЦА ОД ЦЕЛА ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА СЕ НОСАТ ДА ПИТАЧАТ ВО ОХРИД И СТРУГА, ДЕВОЈЧИЊА СЕ ПРОДАВААТ ЗА СЕКС, ПОЛИЦИЈАТА ИСТРАЖУВА ОРГАНИЗИРАНА ШЕМАСпоред истражувањата, децата поминуваат и по осум часа на улица, а заработката од питачењето може да достигне неколку илјади денари дневно кои ги земаат нивните шефови и организатори, а децата добиваат ќотек. (Фото: СДК.МК)

    Поголема акција за спречување на питачењето и заштита на децата кои се користат за питачење се спроведува во повеќе градови во земјава, а меѓу најкритичните подрачја се издвојуваат Охрид и Струга. Илија Јовановиќ од невладината организација „Градиме иднина“ вели дека институциите се известени за состојбата, а во акцијата се вклучени Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи (МВР).

    „Ги известивме сите полициски станици, особено во Охрид, Струга, Кичево и Дојран, каде што состојбата беше најкритична. СВР Охрид веќе постапува по проектот за питачите. Сега се спроведува поголема акција. Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи дејствуваат низ целата држава, од град во град, за да го решат проблемот со питачењето“, вели Јовановиќ.

    Според него, во Охрид во моментов има меѓу 20 и 30 питачи, меѓу кои и деца на најмала возраст.

    „Има новороденчиња, деца од три до 15 години, а има и девојчиња кои, според нашите сознанија, се злоупотребуваат и за сексуални услуги. Имаме сознанија дека за таа цел се изнајмувале и апартмани“, вели Јовановиќ.

    Тој апелира до граѓаните секој ваков случај веднаш да го пријават во полиција бидејќи, како што посочува, станува збор за организирано носење деца од други градови.

    „Најголемото дувло е во Охрид, каде што ги носат од Тетово, Гостивар, Струга, Битола, Ресен, Прилеп, Велес, Кичево и Дебар. Има организирана шема“, тврди Јовановиќ.

    Проблемот со детското питачење се следи преку проект што се спроведува веќе пет години. Јовановиќ вели дека досега околу 700 деца биле отстранети од улиците и раскрсниците.

    „На ниво на Македонија имавме околу 2.000 деца кои секојдневно питачеа. Сега бројката е намалена на околу 700, но ние продолжуваме со проектот и не се откажуваме“, вели тој.

    Во Струга, според Јовановиќ, бројот на питачи се движи меѓу 15 и 30.

    Според истражувањата, децата поминуваат и по осум часа на улица, а заработката од питачењето може да достигне неколку илјади денари дневно.

    „Работното време им е осум часа. Едно дете од питачење заработува од 3.000 до 5.000 денари. За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари. Ова го покажува истражувањето. На крајот добиваат и ќотек, а останатите, поголеми суми завршуваат кај нивните шефови и организатори“, тврди Јовановиќ.

    Откако детето ќе биде затекнато на улица, според него, се преземаат повеќе мерки за негова заштита.

    „Откако детето ќе се земе од улица, веднаш се носи во здравствена установа за да се провери неговата здравствена состојба. Шест часа се задржува во полициска станица за да му се утврди идентитетот и да се земат податоците, а потоа постапуваат инспекторите за малолетници и лицата од социјалните служби“, објаснува Јовановиќ.

    Од „Градиме иднина“ сметаат дека долгорочното решение не е само отстранувањето на децата од улица, туку и нивното вклучување во образовниот и социјалниот систем.

    „Преку ноќ овој проблем не може да се реши. Баравме секоја Општина, согласно статутот, да отвори дневни центри со работилници и активности, каде што секојдневно ќе се работи со децата и нивните биолошки родители. Сега ќе се отвораат и групни дневни центри, а децата треба да се запишуваат во училишта и градинки“, вели Јовановиќ.

    Тој додава дека полицијата веќе поднесува кривични пријави во случаи кога ќе се утврди злоупотреба на деца за питачење, а за родителите се преземаат и други мерки.

    „Полицијата веќе е запознаена со тоа и се поднесуваат кривични пријави. Некои родители се опоменати дека детето не смее да биде пуштено на улица. По втората или третата опомена, веќе се бара одземање на родителското право“, вели Јовановиќ.

    Според него, еден од проблемите е и долгото траење на судските постапки.

    „Судската постапка е многу тешка. Баравме да се дополнат и изменат одредбите во Кривичниот законик. Бараме во рок од еден час да може да се преземе мерка за одземање на родителското право. Тоа е долг процес, но се надевам дека со залагањето на сегашниот министер ќе се сменат повеќе закони“, вели Јовановиќ.

    Од „Градиме иднина“ велат дека борбата против детското питачење ќе продолжи, со поголема координација меѓу полицијата, социјалните служби, локалните самоуправи и образовните институции.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира