ЗАВРШИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА НАЈВИСОКИОТ МОСТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА ВО ШТИП

    ЗАВРШИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА НАЈВИСОКИОТ МОСТ НА РЕКАТА БРЕГАЛНИЦА ВО ШТИПСе изврши целосна реконструкција на основните столбови и на горната конструкција на мостот. (Фото: СДК.МК)

    Како дел од општинската програма за реконструкција на сите мостови на реките Брегалница и Отиња во Штип, од денеска е во функција најдолгиот и највисок мост Брегалница. Неговата реконструкција заврши неколку месеци пред договорениот рок, но во последниот месец мостот беше целосно затворен за сообраќај.

    Реконструкцијата чинеше 480.000 евра, обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта. Се изврши целосна реконструкција на основните столбови и на горната конструкција на мостот. Притоа беа вградени железна и друга конструкција за ублажување на вибрациите, бидејќи преку овој мост, како најфреквентен во градот, секојдневно поминуваат неколку илјади возила, меѓу кои и камиони.

    По пуштањето во сообраќај на овој мост, изграден пред 70 години, на само 200 метри оддалеченост започна реконструкцијата на најстариот мост н Брегалница, таканаречениот Камен мост, кој датира од 1672 година и е познат како Емир Ќучук-Султанов мост. Долги години во минатите векови, овој мост бил единствената комуникација меѓу двете страни на градот преку Брегалница.

    Од Општината, која е инвеститор на реконструкцијата во вредност од 8 милиони денари (130.000 евра), велат дека на Камениот мост веќе е извршена замена на водоводната и на целата друга инфраструктура поставена под мостот, по што ќе следуваат и другите потребни реконструктивни зафати за зајакнување на целокупната конструкција.

    И овој мост е мошне фреквентен, а преку него минуваат и товарни возила. При изведувањето на работите на горната конструкција и поставувањето на последниот слој асфалт се предвидува привремено затворање на мостот за сообраќај или тој ќе се одвива во една насока.

    Според општинската програма, во наредниот период се предвидуваат реконструкции на сите седум мостови на реката Отиња во централното градско подрачје, како и изградба на два нови моста на Брегалница.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира