Најстариот автомобил во Македонија, „форд Т“ произведен во 1923 година, беше изложен на собирот на олдтајмери во Велес. Неговиот сопственик Драганчо Богевски-Попето од Битола го набавил летоска. Автомобилот и натаму е во возна состојба.
„Овој автомобил е од првото сериско производство на фабриката ‘Форд‘ и прв модел што можел редовно да се вози во сообраќај. Возилото не може да помине толку големо растојание од Битола до Велес, па затоа го шлепував. Возењето му е со брзина од 30 до 40 километри на час, па затоа не е за редовен сообраќај. Во тек е постапката за царинење, по што ќе следува регистрацијата. Се пали и на анлансер и на курбла. Автомобилот е за кратки релации, бандажите му се дрвени, гумите се на пумпање, има задни сопирачки и собира четири патници“, кажа Богевски.

„Опел капитен“ од 1941 година, кој служеше за снимање сцени од филмот „Ослободувањето на Скопје“ во 2014 (Фото: СДК.МК)
Тој е страстен вљубеник во старите возила што се во возна состојба, познати како олдтајмери. Има и автомобил „опел олимпија“ од 1952, „пјуик“ од 1952, „форд таунус“ од 1966 и други.
На собирот, кој го организираше здружението за олдтајмери „Кинг оф д стрит“ од Велес, беа изложени околу 70 стари автомобили. Освен од Македонија, имаше возила и од Србија и Босна и Херцеговина. Годинава собирот се одржува по шести пат.
„Нè радува интересот кај велешани. Има многу заинтересирани кои сакаат да видат дел од историјата на автомобилизмот. Ова е како музеј на отворено, подвижен музеј на тркала“, рече Ристе Мулев, претседател на здружението.

На собирот, кој го организираше здружението за олдтајмери „Кинг оф д стрит“ од Велес, беа изложени околу 70 стари автомобили (Фото: СДК.МК)
На собирот беа изложени и „пежо 203“ од 1951 година и „опел капитен“ од 1941, кој служеше за снимање сцени од филмот „Ослободувањето на Скопје“, сниман во Велес во октомври 2014. Можеа да се видат и „мерцедес 280 С“, „шкода 100 С“, „москвич“ и мотоцикл „јамаха ројал стар“. Секој изложен автомобил беше приказна за себе.
Велешанецот Борче Саздов го претстави својот новорепариран олдтајмер – „опел манта“ од 1974 година.
„Со овој автомобил се претставив на три изложби во Македонија, во Струмица, Штип и Тетово, а сега за првпат и пред моите велешани. Имам уште некои фини работи да доработам на него, пред да почнам да работам на друго возило. Го возам и уживам во него“, кажа Саздов.
П. ПЕЧКОВ




