НЕМА ДА СЕ ГЛАСА ЗА ПЛАНОТ ЗА БАРУТАНА ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА СИТЕ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА, КАЖА ГЕРАСИМОВСКИ ЗА ПЛАНИРАНОТО ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ НА ВОДНО

    НЕМА ДА СЕ ГЛАСА ЗА ПЛАНОТ ЗА БАРУТАНА ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА СИТЕ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА, КАЖА ГЕРАСИМОВСКИ ЗА ПЛАНИРАНОТО ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ НА ВОДНОГерасимовски кажа дека ќе се разгледаат сите забелешки и ќе се направат потребните дополнителни анализи (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека во Советот нема да се гласа за Нацрт-деталниот урбанистички план за Барутана на Водно додека не се најде законско и прифатливо решение за сите отворени прашања.

    На 13 јули, советниците од мнозинската СДСМ и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар заеднички изгласаа на Водно под Јужна обиколница да се градат хациенди, за што треба да се сече шума.

    „Додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, нема да предложам Нацрт-ДУП-от ‘Барутана‘ да се стави на дневен ред на Советот. Позитивните мислења од институциите се важни, но мора да ги расчистиме и прашањата за стабилноста на теренот и пристапната сообраќајница. Затоа ќе ѝ наложиме на планерската куќа да нарача дополнителна студија од Градежниот факултет за проценка на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. Имаме законска обврска да ја водиме постапката, но тоа не значи дека планот мора да биде усвоен по секоја цена“, кажа Герасимовски.

    Тој додаде дека ќе се разгледаат сите забелешки и ќе се направат потребните дополнителни анализи.

    „За Водно мора да бидеме особено внимателни, а безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место“, рече Герасимовски.

    Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, неодамна кажа дека ДУП „Барутана“ нема да се донесе додека тој е лидер на партијата, додавајќи дека за ваквиот став го информирал и Герасимовски и во наредниот период за овој проблем ќе имаат координации.

    Од 13 август до 14 септември траеше јавната анкета за Нацрт-ДУП-от, по што неговата конечна верзија требаше да биде ставена на усвојување на седница во Советот на Општина Центар. Планот предвидува изградба на дваесетина нови објекти, кои би се граделе на стрмен предел и би имале голема површина за градба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира