Бугарскиот премиер Румен Радев потврди во парламентот дека имало пожар во објект на сателитски интернет услуги „Старлинк“ во близина на Софија.
„Безбедноста во објектот сега е засилена“, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, додавајќи дека објектот бил во приватна сопственост
Оваа сателитска мрежа е стратешки важен дел од одбраната на Украина во војната против Русија. Токму денеска, Украина кажа дека фирмата на Илон Маск го ограничила користењето на „Старлинк“ во земјата, што советникот на Володимир Зеленски, Серхиј Бескрестнов, го поврза со „моменталната политичка ситуација“ и тензиите во односите помеѓу Киев и Вашингтон.
Радев рече дека нема да дава дополнителни детали за пожарот додека трае истрагата.
Според опозицискиот сојуз Демократска Бугарија (ДБ), 11 од 17-те антени во таен објект на „Старлинк“ во близина на Софија биле намерно запалени на 9 октомври. Антените ја обезбедувале главната врска со „СпејсЕкс“ и биле користени во војната во Украина, соопшти ДБ.
„Верувам дека пожарот во објектот на ‘Старлинк‘ е чин на саботажа. Ваквите саботажи не можат да се исклучат ниту во иднина“, кажа Пламен Тончев, раководител на бугарската Државна агенција за национална безбедност.
На 23 септември, пожар избувна и на терминалот на „Старлинк“ јужно од Варшава. Полската влада се сомнева дека руските разузнавачки служби стојат зад нападот.



