Вкупно 296 сообраќајни прекршоци се регистрирани во првите два дена од функционирањето на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на подрачјето на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, кажаа од СВР Охрид.
На првиот ден од примената на системот, 12 октомври, биле евидентирани 148 прекршоци, а исто толку биле регистрирани и следниот ден, до 19 часот. Најчестите прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населените места, минување на црвено светло на семафор и за управување со нерегистрирани возила.
Од СВР Охрид велат дека сите прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата со кои биле сторени се испраќаат известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.
Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.
Во Охрид и Струга се поставени вкупно 40 сообраќајни камери. Претходно четири камери беа инсталирани на патниот правец Охрид-Кичево, во близина на селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.
Системот „Безбеден град“ има за цел да ја зголеми сообраќајната дисциплина, да ја подигне сообраќајната култура и да придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, велат од СВР Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА



