ОД СЕМКА ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД, ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ ГО ПРЕЗЕМААТ ПРОИЗВОДСТВОТО НА ХРАНА ВО ЈУГОИСТОКОТ

    ОД СЕМКА ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД, ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ ГО ПРЕЗЕМААТ ПРОИЗВОДСТВОТО НА ХРАНА ВО ЈУГОИСТОКОТМилена Ангелова од Паликура, Валентина Дукова од Подлес, Љиљана Шишкова од Долни Дисан и Лејла Рајкова од Валандово се прогласени за земјоделки на годината на агросаемот во Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Милена Ангелова од Паликура, Општина Росоман, Валентина Дукова од Подлес, Општина Градско, Љиљана Шишкова од Долни Дисан, Неготинско, и Лејла Рајкова од Валандово се прогласени за земјоделки на годината. Признанието им го додели здружението „Проагрофармери“, организатор на агросаемот во Струмица, каде што земјоделките го изложија своето производство.

    Заедничка карактеристика на сите нив е производството на храна. Како носителки на земјоделски стопанства, тие одгледуваат и преработуваат градинарски производи и овошје, одгледуваат лозови насади, а се занимаваат и со пчеларство. Струмичкото здружение ги награди со земјоделска опрема како дополнителна мотивација да останат на село и да продолжат да постигнуваат успеси како земјоделки.

    Ангелова и Дукова го излоија своето производство на агросаемот во Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Милена Ангелова од Паликура има 43 години. Со семејството одгледува градинарски производи на околу 10 декари, од кои прават ајвар, лутеница, малиџано и кечап. Целиот процес го извршуваат рачно, од семка до готов производ. Годинава имаат произведено дури 2.000 тегли домашни преработки. Ангелова е регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство за продажба од куќен праг. Вели дека во бизнисот се вклучени сите членови на семејството.

    „Со земјоделство се занимаваме од 2002 година, а од 2016 година правиме домашни преработки и ги продаваме. Засега е добро. Секоја година ни се зголемува бројот на купувачи. Кога се работи со љубов, не е тешко. Сами произведуваме сè, од семка до готов производ. Одгледуваме расад, па го садиме на нива. Таму ги одгледуваме растенијата и ги произведуваме суровините пиперки и домати. Потоа од суровините правиме готови производи: ајвар, малиџано, лутеница и кечап. Сè е рачно. Рачно ги печеме и лупиме, а само ги мелеме машински. Дури и теглите ги полниме рачно“, вели Ангелова.

    Последниве години Ангелова и нејзиното семејство почнале да одгледуваат кајсии и праски. Од нив почнала да прави преработки, како компоти и џемови. Таа тврди дека интересот за домашните преработки на пазарот е многу поголем.

    „Поисплатливо е да се направи готов производ отколку да се продава како суровина. Затоа, наместо ќарот да го земаат трговците и откупувачите, одлучивме да се фокусираме на сопственото производство под брендот ‘везенка’. Работиме и на нива и ги преработуваме производите“, вели Ангелова.

    По 35 години работа во градот како дипломиран економист, Валентина Дукова одлучила да работи во родното село со сопругот и децата на семејниот пчеларник на планината Клепа, која се смета за еколошки чисто место. Семејството има околу 200 пчелни семејства. Нејзиниот сопруг се занимава со пчеларство веќе 18 години, а таа му помагала во собирањето и пакувањето на медот. Сепак, одлучила да направи чекор повеќе и да отвори апикомора.

    Комората, во која се нуди инхалација со мед и полен, стана хит. За неполни три месеци од отворањето, апикомората на Дукова ја посетиле околу 300 лица од земјава и од странство. Паралелно, таа се усовршувала за работа во апикомората.

    „Минатата година дадов отказ бидејќи сакав да се посветам на семејниот бизнис. Пчеларството не е само производство на мед, туку нуди широка палета на можности. Одлучивме да отвориме апикомора, каде што ни доаѓаат посетители од разни места. Тоа отвора можности и за развој на руралниот туризам. Паралелно, не застанувам. Се едуцирам и планирам да почнам да произведувам и апикозметика, која исто така е барана. Значи, потребни се само љубов и посветеност, а од пчеларство може добро да се живее“,  вели Дукова.

    Лејла Рајкова од Валандово, која по професија е дипломиран правник, одлучила да се посвети на овоштарството. Веќе шеста година произведува преработки од овошје, меѓу кои повеќе од 30 видови слатка, мармалади, сокови и ликери.

    Љиљана Шишкова од Неготинско го доби признанието „Жена фармер“ за својот иновативен производ „медоџун“. Таа и нејзиниот сопруг одгледуваат околу 80 пчелни семејства.

    Министерот за земјоделство Борче Серафимовски во Струмица, на одбележувањето на 15 Октомври – Меѓународниот ден на руралната жена, изјави дека државата секогаш ги поддржува земјоделките. Тој ги повика да се регистрираат и да бидат носителки на земјоделски стопанства. Во моментов, за нив е отворен повик во рамките на мерката 115, преку која можат да добијат поддршка до 360.000 денари.

    Во земјава, според Единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, евидентирани се 29.971 жена кои се носителки на земјоделски стопанства, од кои 3.918 се помлади од 40 години.

    В. ТРАЈКОВ

    Гледајте го и подкастот „За секого по нешто“ со земјоделката Љубица Џониќ:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира