ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОРИБЕНО СО 100.000 ЕДИНКИ ОХРИДСКА ПАСТРМКА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКАВ Е РИБНИОТ ФОНД

    ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОРИБЕНО СО 100.000 ЕДИНКИ ОХРИДСКА ПАСТРМКА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКАВ Е РИБНИОТ ФОНДИ покрај засиленото порибување и успешниот вештачки мрест, сè уште нема прецизна проценка за актуелната состојба на рибниот фонд, за која се потребни дополнителни истражувања, финансиски средства и ангажман на релевантни институции.(Фото: СДК.МК)

    Охридското Езеро е порибено со уште 100.000 единки охридска пастрмка, со што беше заокружен годинешниот циклус на активности за обновување на популацијата на овој ендемичен вид. Но и покрај засиленото порибување и успешниот вештачки мрест, сè уште нема прецизна проценка за актуелната состојба на рибниот фонд, за која се потребни дополнителни истражувања, финансиски средства и ангажман на релевантни институции.

    Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при денешната посета Хидробиолошкиот завод во Охрид кажа дека во август и септември сите риболовни зони на Охридското Езеро биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тони повеќе од првично планираните 4,9 тони. Денешните 100.000 единки се со просечна тежина од 4,2 грама.

    „Годинава во езерото беше внесена и посебна група од 100 илјади поголеми единки од минатогодишниот мрест, со просечна тежина од 16 грама, што е особено значајно за надоместување на пропуштеното од паузата во вештачкиот мрест, која се случи од 2019 до 2023 година“, изјави Серафимовски.

    Тој рече дека е потпишан договор со Хидробиолошкиот завод за следниот циклус на вештачки мрест и порибување со 1.550 млади пастрмки.

    На прашањето каква е актуелната состојба со рибниот фонд, имајќи ги предвид предупредувањата на еколозите за загрозеноста на охридската пастрмка, концесионерскиот риболов и присуството на рибокрадството, министерот посочи дека се потребни дополнителни анализи.

    „Овие информации допрва ќе ги анализираме и ќе ги истражуваме и ќе ги обновиме сите бази на податоци што ги имаме во Министерството, заедно со сите релевантни институции“, рече Серафимовски.

    Директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасевска, истакна дека годинава биле собрани 1,4 милиони зрна икра, кои успешно биле одгледувани во установата, а подмладокот бил прихрануван во текот на шест месеци. Таа нагласи дека не може да се изнесуваат конкретни бројки за состојбата на рибниот фонд без сериозни научни проценки, особено поради долгогодишниот прекин на вештачкиот мрест.

    „Не може едноставно да се зборува за состојбата со рибниот фонд. Потребни се многу сериозни проценки. Ние долги години немавме мрест и не би можеле да зборуваме за бројки врз основа на последните две или три години. Тоа е процес што бара истражувања“, изјави Тасевска.

    Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кажа дека од почетокот на 2026 година до денес на Охридското Езеро биле спроведени вкупно 231 инспекциски надзор, при што биле издадени 21 платен налог за утврдени прекршоци.

    Контролите ги вршат надлежните инспектори од одделението за рибарство, во соработка со рибочуварската служба од Охридскиот Регион и езерската гранична полиција. Надзорот опфаќа проверка на работата на концесионерите, користењето на риболовната опрема и почитувањето на дозволените количества уловена риба.

    „Нашите инспектори се активно вклучени и во процесот на сузбивање на нелегалниот риболов, односно во борбата со рибокрадците, кои, за жал, сè почесто се присутни во овој регион“, изјави Ангеловски.

    Од вкупно 21 платен налог, четири биле издадени на правни лица, како за правниот субјект така и за неговиот управител, додека останатите се однесуваат на физички лица.

    На прашањето како да се спречи рибокрадството, особено кога сторителите продолжуваат со нелегалниот лов и покрај претходните постапки, Ангеловски рече дека е неопходна координирана институционална акција и подобрување на законската регулатива.

    „Инспекторатот е само една алка во целокупниот синџир. Мора да се работи и на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби, со што ќе создадеме подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување од наша страна“, нагласи Ангеловски.

    Тој појасни дека, согласно новите законски одредби, Државниот инспекторат за земјоделство веќе не е надлежен за контрола на рибата во рестораните и угостителските објекти.

    Паралелно со активностите за обновување на охридската пастрмка, Министерството најавува мерки за заштита на јагулата, која е критично загрозен вид. Владата усвоила Национален план за управување со јагулата, кој предвидува пуштање подмладок и асистиран транспорт на сребрените јагули кон морето.

    Според најавите на министерот, предвидено е 40 проценти од утврдената годишна квота за улов на традиционалната рибарска замка „Далјан“ на Црн Дрим кај Струга да бидат транспортирани кон морската средина. Целта е да им се овозможи на јагулите да го продолжат патот кон Саргасовото Море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите.

    Д-р Тасевска појасни дека за спроведување на ваквите активности се потребни прецизирање на постапката, вклучување на надлежните институции и усогласување со националната и европската легислатива. Таа истакна дека последното порибување со јагула било во 2019 година и дека стратегијата предвидува пристап што ќе овозможи заштита на видот преку асистиран транспорт, наместо неконтролирано набавување подмладок со непроверено потекло.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира