Големите мајстори на кујната открија мали тајни во готвењето и сервирањето на храната на фестивалот Гастрофест во Велес. При гостувањето, 15 шефови на кујна од десетина европски држави три дена ги учеа учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ со практични совети за готвење на храната.

При гостувањето, 15 шефови на кујна од десетина европски држави три дена ги учеа учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ со практични совети за готвење на храната. (Фото: СДК.МК)
Тие пластично посочија неколку примери на одомаќени начини на послужување, кои стручњаците ги сметаат за грешка, не само во Македонија туку и во регионот.

Шеф Драгица Лукин од Хрватска зготви блага пита пастрмајлија со јаболка прелиени со јајца наместо со месо и благ колач од ориз, со кочански ориз. (Фото: СДК.МК)
„Јас сум против тоа скарата да се служи на дрвена даска, од две причини. Првата е што даската не може темелно да се измие, а тие мали пори се полнат со бактерии. Затоа, ако мора да се служи на даска, нека се стави нешто што ќе ја прекрие, па врз него да се постави месото. Служењето на даска е обичај што тешко ќе се искорени на овие простори. Потоа, на таа даска се поставуваат неколку видови скара. Тоа секогаш е месо кое брзо се лади и се јаде ладно. А скарата не се јаде ладна. Имам искуство од ресторанот ‘Кумбара’ во Белград, кога бев млад кувар. И таму ни носеа прво ќебапи, па уштипци, ражничи, мали плескавици, па џигер во дарбија. Сето тоа беше сервирано одделно и го именуваа ‘лесковачки воз’. Сè беше послужено топло, одделно и беше многу вкусно“, кажа славниот хрватски мајстор на кујната Стево Карапанџа.
Тој раскажа и за настан во еминентен загрепски хотел, каде што бил шеф на сала, кога се служела невестинската торта.
„Тој што ја зготвил згрешил и наместо шеќер ставил сол. Тортата беше солена, а во тој момент требаше да влеземе на свадбата со невестинската торта. На келнерите им пренесов да ги делат сите благи работи што ги имаат, плус жесток пијалак. Кога влеговме и ѝ кажав на невестата, таа остана без зборови, изненадена. Но мојата искреност, благите работи што веќе се делеа по масите и пијалакот го надминаа проблемот, па се слушна аплауз во салата“, додаде Карапанџа.
На негово големо изненадување, еден од учениците во втора година во средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, каде што тие одржуваат мастерклас предавања за угостителската струка, му донесе книга во сопственост на неговиот дедо. Двајцата, и Карапанџа и дедото, го носат истото име Стево. Карапанџа, кој досега има издадено седум книги, не можеше да поверува дека тука, некаде во Велес, некој ја има неговата прва книга, издадена пред 50 години. Дедото Стево бил кувар во градинките во Велес, а неодамна заминал во пензија. Со љубов ја чувал книгата и му ја предал на внукот за да учи од неа за кулинарството.
Предавања одржа и Драгица Лукин од Хрватска. Таа практично зготви блага пита пастрмајлија со јаболка прелиени со јајца наместо со месо. Зготви и благ колач од ориз, со кочански ориз. Рече дека секаде каде што гостува го промовира кочанскиот ориз, за што е прогласена за почесен граѓанин на Кочани.
Меѓу предавачите беше и Ерих Главица од Хрватска.
„На чиниите насекаде во регионот се поставува нешто зелено, како украс, меѓу другото и домат. Има правило дека секоја храна што гостинот ја добива во чинијата мора да биде термички обработена. Или се додаваат некакви чипсови, што ја уништува креацијата во чинијата. Наследството е најважниот дел. Еве, во Македонија имате 70 отсто од сите потребни намирници за подготовка на храна. Треба да го подигнете кулинарството на ниво на врвна дестинација за гостите од светот. Тоа е ваша шанса за туризмот. Повторно ќе дадам пример од регионот. Има традиционална храна што никој не ја сака, и тоа е најголемиот проблем. Она што го јаделе нашите баби и дедовци треба да се готви, но треба да го сервирате на современ начин“, рече Главица.
Гостувањето на гастрономските шефови во Велес беше организирано преку здружението „Гастромак“.
П. ПЕЧКОВ




