Полицијата употреби солзавец и палки против демонстрантите во француските градови Париз, Лион и Стразбур за време на националниот ден на протести против високите трошоци за живот, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи. Првите судири избија додека низ Франција се одржуваа протести. Во Марсеј, демонстрантите се обидоа да упаднат во полициска станица и ограбија продавници, а во Лион е запалена зградата на туристичкото биро, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според полициската префектура во Париз, околу 100 лица се уапсени поради носење оружје и други забранети предмети, а стотици други се уапсени ширум Франција.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходната вечер ги повика граѓаните да протестираат мирно, апелирајќи до демонстрантите да покажат „почит кон луѓето и имотот“.
До пладнево, Министерството за внатрешни работи регистрираше 140 протестни собири низ целата земја, со 32.800 учесници. Од Министерството наведоа дека досега се уапсени 166 лица на национално ниво. Низ Франција се очекуваа до 170.000 демонстранти, од кои меѓу 30.000 и 60.000 само во Париз. За раните попладневни часови денеска беа планирани маршеви во Париз и во многу други градови.
Според Министерството за внатрешни работи, забележана е многу силна мобилизација на ултралевичарските групи, чија цел, според Министерството, била предизвикување немири. Имаше насочени, насилни напади од маскирани лица, особено во Париз, Марсеј, Рен, Тулуз и Анже. Министерството извести за обиди за грабежи, напади врз полициски службеници, подметнување пожари на јавни места, како и насочени напади врз властите и медиумите. Како што пренесоа медиумите, околу 100 маскирани лица го блокираа пристапот до десничарскиот телевизиски канал „Цењуз“ во Париз. Во истата зграда се наоѓа и радиостаницата „Европа 1“.
Учениците и студентите исто така планираа да се приклучат на протестниот ден. Тие веќе со недели протестираат барајќи подобри услови за учење и подобрена опрема во училиштата.
Повикот за протест, кој не може јасно да се припише на ниту една конкретна организација, а се ширеше преку социјалните мрежи, исто така се осврнува на високите цени на горивата, ниските плати, големиот број луѓе кои работат за ниски примања, како и на проблемите во земјоделството и противпожарната служба.
Имаше и повик за повторно активирање на движењето „жолти елеци“. Владата стравува дека денешните демонстрации би можеле да поттикнат уште пошироки протести. Протестите на „жолтите елеци“ долго време ја држеа Франција во неизвесност во 2019, ширејќи се неочекувано и молскавично. Тогаш, повод за тоа беше планираното зголемување на даноците за гориво. Движењето брзо прерасна во поширок протест против високите трошоци за живот и социјалната неправда, што му создаде сериозни проблеми на Макрон за време на неговиот прв мандат.
Ова се случува по три недели протести предводени од студенти низ целата земја, при што беше упатен повик до работничките синдикати и клучните фигури од движењето „жолти елеци“ да им се придружат.



