КОГА ЌЕ МЕ НЕМА, ПАМЕТЕТЕ МЕ ПО ПЕСНАТА „ВОЛЧИЦА“, РЕЧЕ КАЛИОПИ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ СО КОЈ ПРОСЛАВИ 50 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА

    КОГА ЌЕ МЕ НЕМА, ПАМЕТЕТЕ МЕ ПО ПЕСНАТА „ВОЛЧИЦА“, РЕЧЕ КАЛИОПИ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ СО КОЈ ПРОСЛАВИ 50 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА„По една Арена на 19 октомври во 2024, па четири концерти во Филхармонијата лани, мислев дека е невозможно помеѓу сето тоа да се направат други концерти“, рече Калиопи. (Фото: СДК.МК)

    Калиопи вчера по вторпат ја наполни Арената „Борис Трајковски“, на концертот со кој прослави 50 години на сцената. Пред две години, таа пееше во истата сала, а лани имаше четири акустични концерти во Скопје.

    „По една Арена на 19 октомври во 2024, па четири концерти во Филхармонијата лани, мислев дека е невозможно помеѓу сето тоа да се направат други концерти. Во меѓувреме, имавме концерти и во Битола, во Хераклеја, и во Охрид, во Античкиот театар. Но, благодарение на продукцијата ‘Прагма’, кои беа храбри и ми велеа: ‘Ајде, Калиопи, да работиме’, еве, работиме“, рече Калиопи.

    Детскиот хор „Пиколо“ гостуваше во новата песна „Бебе“. (Фото: СДК.МК)

    Како што вети на прес-конференцијата, концертот беше забава за сите генерации. Почна со брзите песни на кои сите играа, а имаше помалку балади на средината на концертот, на кои публиката правеше ѕвездено небо со светилките од телефоните. На новата песна „Бебе“, гостуваше детскиот хор „Пиколо“.

    Публиката ги палеше телефоните на баладите. (Фото: СДК.МК)

    Во 1976 година, тогаш десетгодишната Калиопи за првпат јавно настапи со „Мојата учителка“ на „Златно славејче“ во Универзалната сала, песна која и денес е еден од најголемите детски хитови.

    „Денес славам 50 години музика и 60 години живот. Кога ме прашуваат каква крема користам, јас им велам: ‘Дојдете на моите концерти, па ќе видите’. Вие сте мојот еликсир на младоста“, кажа Калиопи, која на крајот на декември ќе наполни 60 години.

    За нејзиниот продуцент и поранешен сопруг Ромео Грил, на шега рече дека веќе остарел, па дуетот „Остани во мене“, снимен во 1986, го испеа со гитаристот од бендот Танче Гроздановски и целата публика.

    Основецот Никола ја испеа „Македонско девојче“. (Фото: СДК.МК)

    „Дозволете ми малку да го приватизирам концертот. Пред две години брат ми Томче ми замери дека не сум ја испеала неговата песна. Ми рече дека ако сега не ја испеам, нема да ми дојде на концерт“, рече Калиопи за баладата „Како солза“ и ја поздрави и сестра ѝ Корнелија.

    Специјален гостин беше Слаткаристика, кој почна со новата верзија на „Обои ме“, во која гостува и тој. На неговиот концерт во Охрид на Илинден, Слаткар ѝ кажа на Калиопи дека тоа е неговата омилена песна од времето кога имал 13-14 години. Слаткар и Калиопи заедно го испеаја дуетот „Води ме“, кој го нарекоа песна на надежта, а потоа и неговиот хит „Да полетам“, на кој целата публика пееше со нив. Калиопи и Слаткар ја поздравија Каролина Гочева, која беше во публиката. Калиопи испеа и микс од македонски евергрини, а со песната „Бакни ме“ од Сашка Петковска го поздрави музичарот Дуке Бојаџиев во чест на татко му, легендарниот композитор Тодор Бојаџиев, кој ја напиша.

    (Фото: СДК.МК)

    Гостин беше и основецот Никола од Скопје, фан на Калиопи, кој по ланските концерти во Скопје зад сцената ѝ ја испеал „Македонско девојче“. Тогаш му ветила дека на следните концерти ќе дојде како гостин и ќе ја пеат заедно. Премиерно, на видеобимот ја гледавме новата песна „Лага“ („Лаж“) од Ромео Грил, која од денес ќе се промовира во регионот.

    Слаткаристика беше гостин во нова верзија на „Обои ме“. (Фото: СДК.МК)

    „Убави мои, и кога мене ќе ме нема, сакам да ме паметите по оваа песна“, рече Калиопи за песната „Волчица“ („Вучица“), за која претходно рече дека Ромео Грил во неа најдобро ја опишал. Песната „Месечина“, која ја напиша за синот Пако, Калиопи ја нарече „вашата и моја Месечина“.

    Концертот со одлични сценски ефекти, озвучување и атмосфера траеше три часа. Заврши на бис со „Бато“, песната која е напишана во 1988 на турнеја на Калиопи и Ромео Грил низ тогашниот Советски Сојуз, инспирирана од Белите ноќи, и стана регионален евергрин.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира