Францускиот премиер Себастијан Лекорну им наложи на локалните власти да воведат делумен полициски час вечерва за да се спречат немири и грабежи, како оние што се случија низ Франција за време на масовните протести викендов.
„Целта на оваа мерка е да се заштитат луѓето, имотот и деловните објекти. Полицискиот час треба да биде делумен и локализирани, бидејќи уништувањето се случува во одредени области, а не на ниво на целата земја“, кажа Лекорну.
Вицепремиерот Жан-Дидје Берже појасни дека тоа би можело да значи ограничување на пристапот до одредени улици или зони каде што има голем број деловни објекти. Од владата кажаа дека ќе биде формиран посебен фонд за поддршка, преку кој ќе се обезбеди финансиска помош за околу 3.000 локални бизниси погодени од немирите.
Овие најави дојдоа по вонредниот состанок во француското министерство за внатрешни работи, закажан по сцените на општ хаос видени низ цела Франција во саботата. Иако претседателот Емануел Макрон се обиде да ја смири јавноста со синоќешното телевизиско обраќање, неговиот говор беше остро критикуван од целиот политички спектар, бидејќи беше оценет како недоволен. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез поднесе оставка, но Макрон не ја прифати и повика на наационално единство.
Студентските протести, кои започнаа минатиот месец, значително ескалираа во саботата, откако им се приклучија синдикати и разни антивладини групи. Повеќе од половина милион луѓе протестираа против растечките трошоци за живот и намалениот квалитет на јавните услуги. Протестите станаа насилни откако се појавија групи маскирани лица облечени во црно. Полицијата за разбивање немири употреби солзавец, палки и водени топови против толпата.
Властите кажаа дека се ограбени и уништени околу 1.500 продавници и деловни објекти, биле повредени околу 1.000 полицајци, од кои седуммина сериозно. а околу 2.400 луѓе биле уапсени.
Кој е одговорен за уништувањата викендов, останува тема на дебата. Додека американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот претседател Петер Маѓар, без докази, ги обвинија имигрантите, Лекорну и владата го посочуваат прстот кон ултралевичарски движења.



