Тетово доби универзитетска библиотека. На предлог на Министерството за култура и туризам, Владата ја донесе Одлуката за проширување на дејноста на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ и нејзина трансформација во Универзитетска библиотека „Кочо Рацин“.
„Одлуката претставува значаен чекор за Тетово како универзитетски центар и важен придонес кон унапредувањето на високото образование, науката и библиотечните услуги. Како национална установа од областа на културата, Библиотеката ‘Кочо Рацин‘ има важна улога во задоволувањето на културните, информативните и едукативните потреби на граѓаните на Тетово и Полошкиот Регион. Со проширувањето на дејноста, библиотеката ќе обезбеди поширок пристап до своите фондови и услуги за студентите, професорите и истражувачите“, соопштија од Министерството за култура и туризам.
Библиотеката „Кочо Рацин“ оваа година ја прославува 80-годишнината од формирањето, па добивањето статус на универзитетска библиотека претставува само уште една потврда за долгогодишната успешна работа на оваа установа.
„Пред пет месеци ја почнавме иницијативата нашата библиотека да добие статус на универзитетска библиотека. Со ова ќе се добие надградба што ќе ни овозможи да добиваме научни списанија и да бидеме поблиску до научната фела и студентите. Исто така, според Законот за издаваштво, издавачките куќи по автоматизам ќе треба да доставуваат копија од секоја издадена книга и до нашата библиотека. Освен ова, ние предвидуваме да се поврземе со библиотеките на Универзитетот на Југоисточна Европа и на Државниот универзитет во Тетово за по електронски пат да ги добиваме нивните материјали, кои преку нашата библиотека ќе бидат достапни и за научници, истражувачи и читатели“, вели Бинас Пајазити, директор на библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово.
Тетовската библиотека сега располага со фонд од над 84.000 книги и има околу 5.000 редовни читатели.
З. АНДОНОВ



