Русија и Украина се договорија за прекин на огнот во окупираниот украински град Олешки за да се овозможи достава на хуманитарна помош и евакуација на цивилите кои се соочуваат со тешка хуманитарна криза, соопшти Белата куќа.
Според соопштението, двете страни се согласиле да ги запрат сите воени операции во градот, почнувајќи од 29 октомври. Овој јужен украински град е под руска окупација од февруари 2022 година, а жителите со месеци живеат во очајни услови, без струја, вода и храна. Се проценува дека во градот се останати околу 2.000 луѓе, кои според извештаите се принудени да преживуваат со минимални резерви.
И руските и украинските власти потврдија дека двете страни се блиску до конечен договор. Од Белата куќа наведуваат дека договорот за прекин на огнот го посредувала првата дама Меланија Трамп, чиј претставник работел директно со руското и украинското раководство околу дефинирањето на условите.
Таа изјави дека жителите кои сакаат да се евакуираат ќе добијат организирана поддршка и превоз до дестинацијата што сами ќе ја одберат, велејќи дека дел од нив ќе заминат за Русија, а дел за Украина.
И покрај тврдењата на Вашингтон за улогата на Меланија Трамп, за хуманитарниот прекин на огнот се водеа долготрајни разговори и претходно. Украинските власти тврдеа дека Русија досега ги отфрлала ваквите иницијативи.
Повици за прекин на борбите претходно упатија папата Лав Четиринаесетти, кој разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Обединетите нации, претставници на Европската Унија и Советот на Европа. Украинскиот правобранител Дмитро Лубинец на 18 октомври изјави дека очекува наскоро да биде постигнат договор, без притоа да го спомене учеството на првата дама на САД.
Украина со недели бара евакуација на цивилите од Олешки и од околните населени места, при што во одредени периоди користеше и дронови за да спушти итна храна и медицински материјали за загрозеното население.



