Градови под блокада, речиси 5.000 легитимирани лица, 371 приведени, меѓу кои 110 малолетници, како и тензии и судири на неколку плоштади е билансот од уште еден тензичен ден за јавниот ред и мир низ Италија. Насилството и грабежите од минатата недела не се повторија, пред сè поради работата на безбедносниот апарат, кој со денови работеше на пресретнување на ненадејните протести што новоформираното Движење 17 октомври, поттикнувачот на последните демонстрации кои резултираа со немири, требаше да ги објави во последен момент.
Клучниот пресврт од превентивната акција се случи вчера непосредно пред 14:30 часот, кога на социјалните мрежи требаше да бидат соопштени локациите за собирите во разни градови, откако полицијата го идентификуваше наводниот главен организатор на инстаграм-страницата на движењето.
Сомнежите на иследниците се насочени кон Јусеф Сихер, 30-годишен Италијанец од втората генерација со мароканско потекло, кој живее во провинцијата Бреша. Тој има богата биографија која вклучува геополитички студии, докторат и работа како слободен новинар. Сихер е однесен во полициската станица и е под истрага за тешко поттикнување за извршување кривично дело со цел тероризам и употреба на компјутерски системи, а наскоро би можел да биде и официјално уапсен.
Премиерката Џорџа Мелони преку социјалните мрежи им се заблагодари на министерот за внатрешни работи и на полицијата, при што кажа дека правото на протест мора секогаш да биде загарантирано, исто како и правото на граѓаните да живеат безбедно во своите градови. Според неа, мерките што во последните денови ги усвои Советот на министри одат токму во таа насока, со цел на државата да ѝ се дадат поефикасни алатки за спречување на насилството и за запирање на криминалците и предизвикувачите на немири да уништуваат цели градови. Мелони додаде дека безбедноста мора да биде загарантирана за сите, и за оние кои сакаат мирно да протестираат, и за оние кои работат и сакаат да живеат во своите градови без страв, без да се остави простор за оние кои бараат само конфронтација и насилство.
Протестите поминаа помирно во Неапол, Падова и во Бари, градови каде што исто така се стравуваше од немири. Тензиите генерално беа ставени под контрола благодарение и на превентивните мерки спроведени во часовите пред демонстрациите, кога при полициските контроли беа легитимирани неколку стотици млади луѓе, а десетици беа приведени, вклучувајќи и малолетници. Кај многумина од нив беа пронајдени фантомки, спрејови, маски и ракавици.



