ИЗЛЕЗЕ „ЧИЈА СИ“, БИОГРАФИЈА ЗА КОМПОЗИТОРОТ И ПЕЈАЧ СЛАВЕ ДИМИТРОВ, ОД МАКСИМ РИСТЕСКИ

    ИЗЛЕЗЕ „ЧИЈА СИ“, БИОГРАФИЈА ЗА КОМПОЗИТОРОТ И ПЕЈАЧ СЛАВЕ ДИМИТРОВ, ОД МАКСИМ РИСТЕСКИБиографијата излегува во годината кога Димитров го прослави 80. роденден и одбележува 60 години творештво, како и 55 години од првото јавно изведување на неговиот хит „Чија си“ (Фото: „Арс ламина“)

    Излезе авторизираната биографија „Чија си“ за животот и творештвото на композиторот, пејач, аранжер и музички продуцент Славе Димитров од Максим Ристески. Биографијата излегува во годината кога Димитров го прослави 80. роденден и одбележува 60 години творештво, како и 55 години од првото јавно изведување на неговиот хит „Чија си“, кој беше прогласен за песна на минатиот милениум.

    „Книгата го следи животниот и музичкиот пат на Димитров, од неговите почетоци во битолското маало Генимале до позицијата на еден од најзначајните автори на македонската забавна музика. Преку лични приказни, творечки предизвици и сеќавања, авторот го претставува човекот зад песните што со децении ги слушаат повеќе генерации“, вели издавачот „Арс либрис“, дел од „Арс ламина-публикации“.

    Димитров ја компонирал „Чија си“ во 1969 во Битола, а песната првпат била јавно изведена на фестивалот „Скопје 71“, во две верзии, од него и од хрватскиот пејач Крунослав Киќо Слабинац. Тогаш ја освоила втората награда од публиката.

    Авторот Максим Ристески повеќе од 30 години работи како новинар, текстописец и сценарист. Автор е и на книгите „Пештера“, „Нешто трето“ и „Ништо“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира