Во Шпанија започна тридневна жалост откако најмалку 68 луѓе загинаа во една од најтешките железнички несреќи во модерната историја на Европа.
Екипите за итни случаи работеа цела ноќ под силни рефлектори за да ги отворат металните вагони во потрага по жртвите, а многу од загинатите сè уште не се идентификувани. Властите ја истражуваат причината за катастрофата, која се случи кога брз воз што патуваше од Мадрид до Севиља удри во застанат воз.
Возот управуван од приватниот железнички оператор „Ирјо“, во кој имало 147 патници, застанал на шините поради компјутерски дефект, изјави шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте.
„Кога ќе дојде до дефект на системот, контролата ја презема 24-часовен контролен центар во Мадрид, но тој донел необјаснива одлука, наложувјќи им на возовите повторно да се движат, без никакви ограничувања на брзината“, кажа Пуенте.
Аудиоснимките од разговорот помеѓу контролорите во Мадрид и машиновозачите покажуваат дека на еден брз воз му била дадена дозвола да се движи, иако друг бил застанат напред. Силата на судирот предизвикала неколку вагони да излетаат од шините.
Премиерот Педро Санчес рече дека е неприфатливо што во Шпанија се случија две сериозни железнички несреќи оваа година, откако во јануари загинаа 46 луѓе на истата линија. Политичките партии ја прекинаа предизборната кампања, со исклучок на крајнодесничарската Вокс, чиј лидер Сантијаго Абаскал рече дека нема да учествуваат во обидите да се искористи жалоста за да се замолчат критиките на железничката инфраструктура во земјата.
Се очекува машиновозачите да продолжат со планираниот штрајк денеска, а Шпанскиот синдикат на машиновозачи изјави дека штрајкот ќе се одржи „во одбрана на безбедноста на железницата“.



