МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „17“ НА МИТИЌ Е НА 5 НОЕМВРИ НА СКОПСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ОБНОВЕН ПО ТРИГОДИШНА ПАУЗА

    МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „17“ НА МИТИЌ Е НА 5 НОЕМВРИ НА СКОПСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ОБНОВЕН ПО ТРИГОДИШНА ПАУЗАГенералниот директор на „А1 Македонија“ Методија Мирчев, директорот на СФФ Томи Салковски и филмскот критичар Благоја Куновски-Доре на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Македонската премиера на дебитантскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ, македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, ќе се одржи на 5 ноември во МНТ во рамките на обновениот Скопски филмски фестивал. Филмот од 6 ноември ќе игра во скопското кино Синеплекс, а дополнително ќе бидат објавени термини и проекции за низ Македонија. Од 4 до 9 ноември ќе се одржува 26. издание на Скопски филмски фестивал, чие последно, 25. издание се одржа во 2022.

    Фестивалот е ревитализиран, најави денеска директорот Томи Салковски и рече дека намерата им е да се оживее филмскиот живот во Скопје. Отворањето и затворањето на фестивалот се во Македонскиот народен театар (МНТ), а останатите филмови ќе се прикажуваат во киното Фросина. Во натпреварувачката програма се осум филмови.

    Отворањето на 4 ноември во 19:30 часот во МНТ е со филмот „Идиот(и)“, на Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, во продукција на Германија, Полска, Монако.  Шумовска и Енглерт ќе ја добијат и Специјалната награда за особен придонес во светскиот филм  Златна Скополија.

    „Морам несебично да кажам дека правиме една супериорна селекција моментално од она што го нуди светот од областа на филмот. Сметаме дека го донесовме кремот во Скопје. Куратор на фестивалот е Никола Никитин, формиравме интернационален борд во кој членуваат: Никитин, Мирослав Могоровиќ, Филип Бергсон, Благоја Куновски-Доре. Во жирито членуваат македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска,  англискиот филмски продуцент и режисер Стив Абот, српскиот режисер Павле Вучковиќ, македонскиот режисер Даријан Пејовски и Даниела Вебер, која е  селекторка на Берлински филмски фестивал. Така да се обидовме да направиме еден микс од наши и европска една елита за да може да ги избере најдобрите филмови во конкуренцијата“, кажа Салковски.

    Меѓу филмовите вон конкуренција ќе игра и „Фјорд“ на Кристијан Мунџиу, годинешниот добитник на Златна палма во Кан.

    На новинарско прашање за тоа дека Скопје нема градско кино и дали смета дека следната година ќе биде ставено во фунцкија киното Милениум, Салковски одговори:

    „Се надевам дека следната година ние ќе имаме еден филмски храм наш, каде што ќе можеме не само да ги прикажуваме нашите филмови, туку и да можеме  да прикажуваме филмови кои не се комерцијални, а се битни за една публика којашто сака да види нешто што е актуелноа од европската и светската авторска продукција“.

    Филмскиот критичар Куновски-Доре апелираше дека мора да се спасат Младинскиот културен центар (МКЦ) и киното Милениум, кои се запуштени подолг период.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира