Над 4.000 бомби се откриени во старата битолска касарна, а единствениот пиротехничар доби помош од тројца пензионери од Министерството за внатрешни работи (МВР). Откриени и отстранети се уште 1.700 рачни бомби но и тромблонски мини од Првата светска војна на истата парцела во старата битолска касарна каде во мај 2026 беа пронајдени 1.443 парчиња, со што вкупната бројка достигна над 4.000.
Според изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов дадена на денешната прес-конференција во Битола, се отстранува голема опасност за куќите кои се наоѓаат на 200 метри воздушна линија од местото со бомби. Ископувањата продолжуваат понатаму, а се очекува да се пронајдат уште повеќе од 1.000 вакви бомби, но и други видови на неексплодирани убојни средства.
За разлика од акцијата пролетта кога бомбите сам ги изваде пиротехничарот од Битола, Ѓорги Стефанов, поради недостиг на стручни кадри во ДЗС, сега му помагаат и тројца пензионирани припадници од МВР. Двајцата од нив се поранешни припадници на специјалната единица „Тигри“ и еден пензиониран припадник од Отсекот за антитероризам при МВР, тројцата ангажирани со договор на дело.
Во Македонија останаа само уште двајца професионално вработени пиротехничари кои мора да ја покријат целата територија во зависност од повиците за откопување бомби што ги добиваат. Ангелов вели дека се обидуваат да го решат кадровскиот недостиг.
„Во овој момент во тек е процедура за вработување на уште еден пиротехничар кој што ги има сите потребни сертификати и соодветно искуство. Очекувам да биде вработен пред Нова година, размислуваме и во насока на пронаоѓање на нови кадри, работам на тој процес. Но, факт е дека никаде не можеме да најдеме готов производ, односно обучени пиротехничари, туку треба да примиме млади лица кои потоа ќе ја завршат обука која во најмала рака е тростепена за што потребно е повеќе од една и пол година“, рече Ангелов.
Тој додаде дека и ангажираните поранешни припадници на МВР се релативно млади за оваа работа, па имаат можност со измените во Законот за заштита и спасување да бидат ангажирани во ДЗС уште десетина години.
„Постои можност и за ангажман на уште неколку пензионирани лица од МВР, но и од други институции затоа што мојата намера е чистење не само на оваа, туку уште на неколку критични локации во Битолско за коишто имаме информации дека исто така има стотици, а на некои места ијадници неексплодирани убојни средства“, додаде Ангелов.
Тој апелираше до сите граѓани доколку наидат на предмети кои наликуваат на бомба, граната или било каков проектил веднаш да се јават на бројот 112 за стручни лица да го подигнат убојното средство.
„Напоменувам дека иако навидум изгледаат стари и р’ѓави, овие бомби се исклучително убиствени, истите можат да бидат активирани при тресок на земја или бетон, а особено доколку бидат зафатени од оган“, рече Ангелов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



