Луксузен крузер на долгогодишно патување околу светот соопшти дека ги прекинал операциите поради извонредно високите трошоци за гориво, оставајќи ги патниците заглавени во Камбоџа. Операторот на „Вила Ви Одисеј“ со седиште во САД соопшти дека работи на планови за истоварување на патниците и на „договори за привремено сместување“.
Не е јасно колку луѓе биле на крузерот, но бродот долг речиси 200 метри може да превезе до 650 патници. Тој тргнал од Белфаст во октомври 2024 на „континуирано патување околу светот“.
Глобалните цени на горивата скокнаа откако започна војната во Иран оваа година. Операторот на бродот „Вила Ви Резиденсис“ изјави дека месечните трошоци за гориво по кабина се искачиле од 1.800 на 8.000 долари во делови од Азија.
„Презедовме значајни чекори за намалување на потрошувачката на горивото, вклучително и поминување повеќе време во пристаништата. Сепак, тие мерки се покажаа недоволни за да се компензира извонредното зголемување на трошоците за гориво“, се вели во соопштението на „Вила Ви Резиденсис“.
Се наведува дека на бродот имало околу 200 патници кога им било наредено да се истоварат во камбоџанскиот пристаништен град Сихануквил.
Патувањето се очекуваше да трае три и пол години и да опфати речиси 150 земји, според веб-страницата на компанијата. Бродот беше во движење повеќе од 750 дена, пред да го објави прекинот на своето патување.



