Стотици жители се евакуирани од разурнатиот украински град Олешки окупиран од Русија, соопштија руските и украинските власти, по хуманитарниот прекин на огнот постигнат со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп.
„Сè се одвиваше без никакви инциденти и двете страни го забележаа високото ниво на организација“, изјави руската комесарка за човекови права Јана Лантратова.
Четири авиони со жители на Олешки слетаа во белорускиот град Гомељ утрово, изјави украинскиот пратеник Давид Арахамија, по што со автобуси ја преминаа границата во украинскиот регион Чернигов.
„Сите елементи на конвојот, вклучувајќи го и безбедниот премин во и надвор од Олешки, се воспоставени преку договор помеѓу руските и украинските лидери“, изјави Меланија Трамп.
Од вторникот, во целиот регион Херсон е во сила прекин на огнот, најдолгиот и најраспространет од почетокот на руската инвазија во 2022, што овозможи и деминирање на патот што излегува од Олешки. Жителите кои сакаа да заминат имаа четиричасовен рок да го сторат тоа вчера. Во градот влегоа 25 автобуси за да им се овозможи на 750 луѓе да го напуштат градот, заедно со амбулантни возила за лица со ограничена подвижност.
Се смета дека стотици луѓе одлучиле да останат, и покрај огромните уништувања и недостатокот на гас, струја и вода за пиење.
Лантратова и нејзиниот украински колега Дмитро Лубинец застанаа еден до друг за да ги информираат новинарите за мисијата. Лубинец е првиот украински функционер кој од почетокот на војната ги посетил окупираните делови на Украина.
Олешки, кој лежи на реката Днепар спроти градот Херсон, беше заземен од руските трупи во првите денови од инвазијата. Денес е во голема мера уништен и беше тешко поплавен по уништувањето на огромната брана Каховка во 2023. Жителите раскажуваа како ги ризикувале своите животи патувајќи по минирани патишта само за да добијат храна и вода. Некои велат дека преживеале со чаша ориз или хељда дневно и дека јаделе диви растенија.
Русија соопшти дека подготвила десетици тони помош за жителите кои не сакаат да заминат, вклучувајќи храна, лекови, хигиенски производи и гориво за генератори.



