НЕ Е ОТВОРЕН ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ЦЕНТАР ШТО ГО ВЕТИ ГЕРАСИМОВСКИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ ПРОСТОР

    НЕ Е ОТВОРЕН ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ЦЕНТАР ШТО ГО ВЕТИ ГЕРАСИМОВСКИ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ ПРОСТОРОд Општината велат дека нашле простор за реализација на проектот, но истиот не бил прифатен од комисијата на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка поради близината на кафуле до влезот на зградата. (Фото: СДК.МК)

    Општина Центар не отвори дневен центар за деца со попреченост и потешкотии во развојот. Градоначалникот Горан Герасимовски во предизборната кампања вети дека центарот ќе биде отворен кон почетокот на 2027, но од проектот нема абер.

    Родител на дете со попреченост преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК Пријави проблем вели дека за нив ова е исклучително важен проект бидејќи станува збор за услуга која би обезбедила бесплатна стручна поддршка за деца со попреченост и тешкотии во развојот. Поради тоа, се обратил неколкупати во Општина Центар и добил одговор дека средствата предвидени во општинскиот буџет за 2026 се веќе исцрпени и дека евентуалното продолжување на активностите ќе зависи од расположивите финансиски средства.

    „Овој одговор ме изненади и загрижи, поради што стапив во контакт со Здружението за дислексија ‘Ајнштајн‘. Според информациите добиени од Здружението, проектот е веќе одобрен од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со финансиска поддршка од Светска банка. Средствата за воспоставување на услугата се обезбедени преку проектот, а неговата реализација во моментов е во застој поради нерешени административни прашања поврзани со Општина Центар. Со други зборови, според овие информации, постојат одобрен проект и обезбедено финансирање за воспоставување на услуга за деца со попреченост, но нејзината реализација е неизвесна“, вели родителот кој се обрати во нашата редакција.

    Тој по добиените информации повторно се обратил до Општината, барајќи конкретно појаснување дали навистина постои ризик проектот да не се реализира поради административните пречки. Но, одговор немал добиено.

    „Како родител, не можам да разберам како е можно да постојат одобрен проект, обезбедени средства и организација подготвена да ја воспостави услугата, а децата и родителите и понатаму да чекаат поради нерешени административни прашања. Можеби за институциите ова е само уште една административна постапка, но за нас, родителите, ситуацијата е многу посериозна. Секојдневно се соочуваме со недостиг од достапни стручни услуги, високи трошоци за индивидуални третмани и со постојана неизвесност дали ќе можеме да им ја обезбедиме на нашите деца поддршката која им е потребна. Многу семејства се финансиски и емоционално исцрпени. Некои родители се принудени да избираат кои третмани можат да си ги дозволат, а од кои мора да се откажат. Токму затоа, отворањето на ваков центар би значело огромно олеснување за семејствата“, додава тој.

    Од Општина Центар на нашите прашања одговорија дека проектот за отворање на центар за деца со попреченост е аплициран и одобрен од Министерството за труд и социјална политика, со грант обезбеден од Светска банка, но Општината не може да најде простор.

    „Во моментов, единствениот предизвик е пронаоѓањето на соодветен простор за реализација на проектот и отворање на центарот. Не постојат административни пречки. Општината веќе обезбеди простор за реализација на проектот, но истиот не беше прифатен од комисијата на Министерството за труд и социјална политика и Светска банка поради близината на кафуле до влезот на зградата. Во моментот активно се работи на изнаоѓање друг простор, кој ќе ги задоволи сите утврдени критериуми. Учеството на Општина Центар во буџетот на проектот е многу мало, па средствата за оваа намена секогаш ќе бидат обезбедени. Нема ни ризик од губење на одобрените средства, бидејќи не постојат административни прашања, единствениот проблем е изнаоѓањето на соодветен простор, на што активно се работи“, велат од Општина Центар.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира