Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривичното дело насилство во врска со синоќешната тепачка помеѓу навивачите на кошаркарските клубови МЗТ Скопје и Работнички во скопски Аеродром, кога едно лице беше сериозно повредено.
Во тепачката пред влезот на салата „Јане Сандански“ осомничениот удрил во глава дете од спротивниот табор. Детето од ударот се онесвестило и паднало на земја и со контузија на главата било пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците на настанот кои треба да бидат сослушани, но и да го повтори делото, јавниот обвинител предложи на осомничениот 20-годишник да му биде определена мерка притвор.
Како што вчера соопштија од Министерството за внатрешни работи, тепачката се случила околу 19 часот, кога повеќе членови на навивачката група „Фемили“ се упатиле кон спортската сала „Јане Сандански“, каде што претходно била присутна група од околу 50 навивачи на Работнички, кои чекале да влезат на натпреварот.



