Русија и Украина потврдија дека биле погодени од кибернетички напади, чија мета биле апликации за итно предупредување, при што нивните граѓани добиле лажни известувања за голем напад.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека јавната апликација за предупредување од воздушни напади била хакирана. Апликацијата на кратко време прикажала дека во Киев и други области се издадени предупредувања за нуклеарни и хемиски напади, како и за опасност од улични борби. Во една лажна порака било наведено дека е лаансирана руска хиперсонична ракета „орешник“.
„Се чини дека апликацијата за предупредување од воздушен напад била изложена на непријателско влијание. Не постои закана од радијација! Останете смирени и следете ги нашите известувања на нашиот канал“. соопштија украинските воздухопловни сили на Телеграм.
Аномалијата подоцна исчезна. Министерството за дигитална трансформација на Украина соопшти дека апликацијата не била во функција, но другите начини за известување на јавноста, како и сирените за воздушна опасност, функционирале.
Во исто време, и мобилната апликација на руското министерство за вонредни состојби била цел на масивен сајбернапад, што резултирало со ширење лажни информации до јавноста, објави државната новинска агенција „ТАСС“.
Лажното известување, испратено преку руската апликација за итни случаи, ги предупредило корисниците дека „нуклеарни боеви глави поставени на украински борбен дрон се лансирани кон сите региони во Русија“. Известувањето исто така им наложило на жителите итно да се снабдат со храна за три недели и да се сокријат.
„Хакирањето на мобилната апликација немало, ниту може да има, какво било влијание врз функционирањето на системот за јавно предупредување“, објави министерството на Телеграм.
Засега не е јасно дали овие два инцидента се поврзани.



