Институтот за родови студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) реагира дека со бришењето на зборот „род“ од новата наставна програма „Здравје и заштита на здравјето“ се прави сериозен научен, педагошки и правен пропуст. Оттаму предупредуваат дека не станува збор само за промена на терминологијата, туку за интервенција што може да го отежне разбирањето на родовата нееднаквост, дискриминацијата и родово базираното насилство.
Министерството за образование и наука во септември ја повлече наставната програма за „Сеопфатно сексуално образование“, а на 7 октомври донесе нова, под името „Здравје и заштита на здравјето“. Новата програма задржува голем дел од истите содржини, но од неа е избришан зборот „род“ и поимите поврзани со него.
Од Институтот велат дека со ваквата промена се потиснува научно утврдена терминологија и се создава несогласување меѓу образовната програма, современите научни сознанија и законската терминологија што веќе се користи во Македонија. Затоа бараат програмата да се ревидира пред да почне нејзината примена.
Според Институтот за родови студии, проблемот е што „род“ не е идеолошки, туку научен и правен поим со кој се објаснуваат општествените улоги, стереотипите и очекувањата од мажите и жените, за разлика од биолошкиот пол. Со неговото бришење, учениците ќе учат за дискриминација, нееднаквост и насилство, но без да го познаваат основниот поим со кој науката ги објаснува овие појави. Дополнително, „род“ и „родово базирано насилство“ се термини што веќе се користат во македонското законодавство и во Истанбулската конвенција, која Македонија ја има ратификувано.
Промената на наставната програма следуваше по реакциите во јавноста, меѓу кои и отвореното писмо на епископот Јаков Стобиски, кој ја обвини министерката Весна Јаневска дека со воведувањето на сеопфатното сексуално образование ја поддржува таканаречената „родова идеологија“. На 9 септември Јаневска најави повлекување и темелна ревизија на програмата, иако претходно изјави дека не гледа ништо спорно во нејзината содржина.
По ревизијата, програмата беше вратена под новото име „Здравје и заштита на здравјето“, со ист број часови и теми, но без поимите „род“ и „контрацепција“. Од МОН тврдат дека измените се направени по анализа на јавните и стручните забелешки, вклучително и оние од Комората на психолози, а не под притисок на верска заедница.
Од Институтот предупредуваат дека наставните програми треба да се темелат на научни сознанија и законски обврски, а не да се приспособуваат на јавните полемики околу одделни термини. Тие бараат враќање на поимот „род“ и негово јасно објаснување во програмата, за учениците да можат правилно да ги разберат родовите стереотипи, нееднаквоста и насилството.



