ПОЧНА ИСПИТУВАЊЕТО НА МОСТОТ „ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ“ ВО СКОПЈЕ ЗАРАДИ АВТОБУСКИОТ БРТ ПРЕВОЗ, ЌЕ ГО ВРШИ ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ

    ПОЧНА ИСПИТУВАЊЕТО НА МОСТОТ „ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ“ ВО СКОПЈЕ ЗАРАДИ АВТОБУСКИОТ БРТ ПРЕВОЗ, ЌЕ ГО ВРШИ ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТДо Нова година испитувањата треба да бидат завршени по што ќе се излезе со експертиза за неговата состојба. (Фото: СДК.МК)

    Градежниот факултет почна да ја испитува состојбата на мостот „Обединети нации“ во Скопје, кој е дел од трасата за брзиот автобуски превоз (БРТ) на делницата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Пред да почнат градежните работи за БРТ треба да се испита состојбата, дали ќе треба да се прават поправки и какви или ќе треба да се гради комплетно нов мост.

    „Денеска се поставуваат скелињата по што ќе почнеме со испитувања за проценка на неговата состојба. До Нова година испитувањата треба да бидат завршени по што ќе се излезе со експертиза за неговата состојба. Тука, всушност, има два моста, еден за движење кон Карпош и од другата страна за кон Влае и Ѓорче Петров. Мостот ќе биде затворен само кога ќе се врши пробно товарање односно прво ќе биде затворен едниот мост, а потоа другиот“, вели Горан Марковски, професот на Градежниот факултет.

    Според решението за БРТ превозот направено во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов, се предвидуваше овој мост да се урне и на негово место да се изгради нов со шест ленти односно по три ленти во двата правци. На постојната траса, делот пред и после мостот има по три коловозни ленти во двата правци, а мостот е со по две ленти. Тоа значи ако не се направи нов мост во овој дел би имало една лента за автобусите на БРТ и само една лента за возила.

    Тендерот за претквалификација за проектирање и изведба на БРТ превозот кој Град Скопје, кој го распиша заедно со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), е продолжен до 23 ноември. По завршување на претквалификациската фаза ќе биде распишан тендер за избор на фирма за проектирање и изведба. Од Градот велат дека одат со претквалификација за да се постават високи критериуми за фирмите кои ќе учествуваат и понуди да поднесат компании кои имаат искуство со имплементација на системи за јавен транспорт. Тие што ќе ги исполнат условите ќе учествуваат на тендерот. Процесот на набавка на возилата за БРТ или автобусите ќе биде посебна постапка и таа ќе се спроведе подоцна.

    По анализа на првичното идејно решениекое предвидуваше возилата да минуваат низ средишното зеленило, направена е измена. Сега тие ќе се движат по лентата до него или крајната брза летна. Ќе бидат одделени со нова жардиниера и зеленило од средишната коловозна лента односно од останатиот сообраќај. Тоа значи дека за автомобили ќе останат две ленти и ќе нема мешање на автобусите од БРТ со останатиот сообраќај.

    Кај што ќе се движи БРТ ќе нема други автобуси. Од Градот паралелно работат и на процесот на промена на автобуските линии односно откако ќе биде воведен новиот начин на јавен превоз, на пример, линијата 24 повеќе нема да вози од Кисела Вода до Тафталиџе и да минува низ центарот на градот и по булеварот Партизански одреди. Ќе постои линија која ќе се движи само од Кисела Вода до центарот на градот односно до една од станиците на БРТ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира