ХРОНИЧАРОТ АЛЕКСАНДАР СТЕРЈОВСКИ, НАРЕЧЕН „ХЕРОДОТ НА БИТОЛА“, ДОБИ ТРИ СПОМЕН-СОБИ ВО ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ

    ХРОНИЧАРОТ АЛЕКСАНДАР СТЕРЈОВСКИ, НАРЕЧЕН „ХЕРОДОТ НА БИТОЛА“, ДОБИ ТРИ СПОМЕН-СОБИ ВО ОФИЦЕРСКИОТ ДОМПред музичката соба, во која се собрани податоци за познатите битолски музичари и може да се слуша музика, изложен е и стариот хармониум од Градскиот саат. (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот хроничар и универзитетски професор Александар Стерјовски (1933-2025) на отворањето на трите спомен-соби во Офицерскиот дом во негова чест беше наречен „Херодот на Битола“, според античкиот грчки историчар во светската наука признаен како „татко на историјата“. Едната е музичка соба, другата градска, а третата посветена на битолската архитектура. Инспирацијата за нивното уредување е црпена од книгите на Стерјовски, кој целиот свој истражувачки живот го посвети на историјата и културното наследство на Битола.

    Собите се поврзани и со неговото животно дело, серијалот „Битолско десеткнижие“. Стерјовски успеа да објави осум книги од планираните десет, но не ги доврши последните две. Сепак, дел од материјалите останале во неговиот дом, па постои можност делото да биде заокружено и по неговата смрт. Неговиот син Гого Стерјовски вели дека татко му оставил голем број необјавени материјали со кои би можело да се комплетира десеткнижието.

    Музичката соба. (Фото: СДК.МК)

    „Во ‘Десеткнижието’, кое му беше животна опсесија, осум книги се објавени, а уште две беа во изработка и во голем дел напишани, но не успеа да ги објави. Не се во целосен обем, но би можеле да се објават ако се појави интерес од Општината, Библиотеката или некоја друга институција. Можеби во скратено издание, за да се комплетира десеткнижието, кое му беше животна желба. Тој велеше: ‘Да го завршам серијалот, па потоа нека биде што биде’. Така, тоа остана како аманет“, ни изјави Гого Стерјовски.

    Пред музичката соба, во која се собрани податоци за познатите битолски музичари и може да се слуша музика, изложен е и стариот хармониум од Градскиот саат. Инструментот е дел од некогашниот саатен механизам, кој овозможувал часовникот да одѕвонува мелодии. За неговата старост постојат две претпоставки. Според едната, хармониумот е стар околу 90 години и служел за отчукување на песната „Билјана платно белеше“. Според другата, стар е 64 години и бил монтиран за да придружува изведби на партизански песни.

    Стерјовски пишувал дека хармониумот бил донесен во 1936 година, заедно со стариот саатен механизам, како знак на благодарност од Германија. Битола ѝ отстапила земјиште за изградба на Германските гробишта, каде што биле погребани повеќе од 3.000 војници загинати на Македонскиот фронт во Првата светска војна. На инструментот и денес е зачувана плочката со името на германскиот производител „Едвард Корфаге и синовите“ од Оснабрик, истата фабрика од која потекнувал и стариот саатен механизам.

    Спомен-собите се отворени во пресрет на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, како дел од програмата „Сите бои на сеќавањето“. Идејата за спомен-собите и нивната реализација ги започна претходниот директор на КИЦ – Офицерски дом Битола, режисерот Благојче Божиновски.

    „Еден град се памети по начинот на кој живеел, а Битола има по што да се памети – по музиката што се слушала во нејзините салони, по луѓето што ги исполнувале улиците и по препознатливата архитектура. Во многу од тие страници на битолскиот живот денес можеме да навлеземе подлабоко благодарение на делата на Стерјовски“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира