Од 5 ноември ќе почне исплата на средства за граѓаните кои немаат платежни картички во главната филијала во Битола на „Алта банка“ АД Битола, соопштија од Народна банка.
Ќе бидат отворени повеќе шалтери во филијалата на улица Добривое Радосављевиќ бр. 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку платежни сметки во банката, но немаат платежни картички.
„Граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели. Од 6 ноември, вклучително и сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужи што поголем број клиенти. Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата“, соопштија од Народна банка.
Од Народна банка апелираат раѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање.
За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Од вкупно 11.500 пензионери кои примаат пензија преку „Алта банка“, околу 3.500 немаат платежни картички.
Пред банката во Битола и денеска имаше гужви.Граѓаните од раните утрински часови чекаат пред вратите за да си ги земат парите.
„Од сабајле сме тука. Вратата е затворена. Барем да излезеше некој да ни кажеше дали и кога ќе го биде шалтерот”, реагира Станка Ивановска.
„Нека ги отворат вратите.Парите си ги подигнавме од банкомат.Бараме да ни дадат исписница за да си ги префрлиме пензиите во друга банка.Не може на сила да не држат“, реагираат други битолчани.
Проблемот настана откако на 31 октомври Народна банка на Србија и ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која е сопственик и на битолската банка.
Ж.ЗДРАВКОВСКА



