Нема да правиме акција со присилни мерки за да се вакцинираат децата со МРП вакцината, бидејќи во минатото се покажа дека присилните мерки во одредена мера се контрапродуктивни, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Во Македонија вчера беше регистриран петти случај на морбили, едно и полгодишно бебе. Со тоа, морбили во државата се потврдени кај три бебиња и еден маж на возраст од 45 години, како и кај еден државјанин на Косово.
На новинарска забелешка дека не е присилна мерка да се забрани прием на деца во градинка кои ја немаат примено МРП вакцината, која е законска обврска, Клековски одговори: „Знаете дека тоа беше заобиколувано“.
На 2 јануари 2019, тогашниот министер за здравство Венко Филипче прогласи епидемија на морбили во Скопје, откако беа регистрирани 12 нови случаи. Сите заболени беа невакцинирани лица. Стануваше збор за деца на возраст од осум месеци, но и за возрасни лица на 32 и 47 години.
Повикувајќи се на Законот за заштита на населението од заразни болести, Филипче најави дека од 3 јануари 2019 стапува во сила времена мерка за забрана на носење на сите невакцинирани деца со МРП-вакцината во сите градинки на подрачјето на Град Скопје. Според податоците што ги објави, од 15.000 невакцинирани деца кои биле повикани од вакциналните пунктови, само 310 биле вакцинирани.
„Првата препорака до граѓаните е да не одат на лекар, туку да се јават кај лекар, бидејќи одење во чекална е најголемиот ризик за ширење на сипаниците. Во овој момент нема хоспитализирани, меѓутоа дадени се насоки на една клиничка болница за хоспитализација на бебиња, бидејќи најзасегната група се бебињата до 12 месеци кои секако не се вакцинирани, но и невакцинираните воопшто. За возрасните соодветно само е Клиниката за инфективни болести“, рече денеска Клековски.
Министерот кажа дека нема да се преземаат мерки, туку здравстените власти се повикуваат на свеста на родителите и комуникација со матичните лекари и педијатрите.
„Моите деца ги имам вакцинирано, јас се вакцинирав против сезонски грип за да демонстрираме дека нема подобра заштита од вакцинација. Повторно апелирам до родителите дека со невакцинирањето првенствено ги загрозуваат сопствените деца, а потоа и оние деца кои не можат да бидат вакцинирани до 12 месеци“, кажа Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА



