ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА

    ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВАПрва мерка е забрана за прием на невакцинирани деца во градинка, како и спуштање на возраста за вакцинирање од 12 на 6 месеци. Исто така, сите над 14 години што не се вакцинирани ќе може да се вакцинираат. Втора мерка е забрана за посета во болница како и задолжителна вакцинација на сите здравствени работници со две дози од вакцината, студенти и наставен кадар (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство прогласи епидемија на територијата на целата земја. Епидемиологот д-р Владимир Микиќ рече дека епидемијата се прогласува со оглед на тоа оти досега се регистрирани 961 заболен од мали сипаници, од кои 60 отсто се надвор од Скопје, и со оглед на тоа дека веќе има прогласена епидемија во 6 региони, во кои живеат 55 отсто од населението и регистрирани се заболени во 20 други града.

    „Станува збор за високозаразно заболување кое може да остави тешки последици по здравјето, затоа одлучивме да прогласиме епидемија во цела држава. Прва мерка е забрана за прием на невакцинирани деца во градинка, како и спуштање на возраста за вакцинирање од 12 на 6 месеци. Исто така, сите над 14 години што не се вакцинирани ќе може да се вакцинираат”, рече д-р Микиќ.

    Тој кажа дека втора мерка е забрана за посета во болница како и задолжителна вакцинација на сите здравствени работници со две дози од вакцината, студенти и наставен кадар.

    „Во Скопје веќе е спроведена оваа мерка, сега продолжуваме и во другите градови”, рече д-р Микиќ.

    Тој рече дека ова не се однесува на училиштата, бидејќи Комисијата не може да забрани прием на деца во училиште.

    „Меѓу заболените деца се оние помалите, а од училишна возраст се оние од прво одделение. Потоа, од заболените се оние над 20 години“, рече д-р Микиќ, кој додаде дека ќе се проверат и вакциналните картони на вработените во градинките и ако не се вакцинирани и тие ќе се вакцинираат.

    Според последните податоци на Клиниката за инфективни болести, од мали сипаници се лекуваат 54 лица, од кои повеќе од половината се возрасни. И децата и возрасните кои се заболени или не се вакцинирани или имаат непознат вакцинален статус. На Клиниката за детски болести се хоспитализирани петнаесетина деца со мали сипаници од кои три во потешка состојба, а повеќето се бебиња. На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле е хоспитализирано едно дете со морбили, а од болницата велат дека имаат целосно функционален оддел за изолација во случај на наплив на пациенти.

    „Апелирам и до родителите и до возрасните ако не се вакцинирани да се вакцинираат, бидејќи со тоа го зголемуваат колективниот имунитет, а на тој начин се заштитени пред се децата кои поради возраста не подлежат на вакцинација, како и оние чиј имунитет е намален поради друга здравствена состојба. Ова заболување е високо заразно, и при компликации може да предизвика сериозни последици по здравјето“, изјави вчера директорката на Клиниката за детски болести Катерина Ставриќ.

    Во првиот квартал од оваа година до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) стигнале 20 пријави од вакциналните пунктови за родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата.

    „Пријавите се однесуваа и за другите вакцини, не само за морбили, иако е во тек епидемијата. Родителите се викнати на порамнување, односно да платат глоба. Девет од нив платиле глоба, која по закон е од 300 до 600 евра во денарска противредност, а се намалува на пола ако ја платат во рок од една недела. За останатите поведена е прекршочна постапка пред надлежниот суд. Но, и ако ја платат глобата обврската да го вакцинираат детето останува“, вели директорката на ДСЗИ д-р Ирина Сотирова-Бухова.

    Според епидемиолозите од Институтот за јавно здравје, ова е најголемиот број на регистрирани случаи на заболени од морбили од почетокот на епидемијата која на почетокот на годината беше прогласена во Скопје, откако лани во декември беше прогласена епидемија на морбили во скопската населба Радишани. Од почетокот на епидемијата, заклучно со минатиот петок регистрирани се вкупно 961 заболен од сипаници, а досега од компликации од болеста починаа три бебиња.

    Здравствените власти, епидемиолозите и лекарите предупредија дека е можно ширење на епидемијата, бидејќи како резултат на антивакциналните кампањи претходните години опфатот на вакцинирани деца со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) е драстично намален.

    Според Институтот за јавно здравје, најголем пад на опфатот со вакцината беше регистриран кај децата што треба да ја примат првата доза од вакцината, односно по навршување на една година. Епидемиолозите од Институтот за јавно здравје во јануари годинава рекоа дека најзагрижувачка е состојбата со децата родени 2017 година, бидејќи само во Скопје 53 отсто од нив не ја примиле вакцината. Во јануари годинава според податоците од Институтот за јавно здравје, над 11.000 деца на предшколска возраст и близу 4.000 деца кои одат во училиште беа невакцинирани.

    За да се спречи ширење на заразата во болниците и клиниките каде се лекуваат заболените беа изолирани посебни оддели, а министерот за здравство Венко Филипче побара од здравствените установи да забранат посета. Првично меѓу заболените најмногубројни беа помалите деца, кои или не подлежат на вакцинација поради возраста, или затоа што останале невакцинирани. Потоа се појавија случаи на заболени меѓу воспитувачките во градинките, како и меѓу здравствените работници во болниците, кои или не биле вакцинирани или биле вакцинирани само со една доза. Болеста почна да се шири и меѓу возрасните, а потоа и во останатите градови низ земјата.

    Пред дваесетина дена група родители кои поднесоа иницијатива до Собранието за промена на Законот за заразни болести со што вакцинацијата да не биде задолжителна, протестираа пред законодавниот дом, бидејќи поради немање кворум беше одложена комисиската расправа по оваа точка.

    Министерот Филипче тогаш категорично кажа дека има важечка законска регулатива со која вакцинацијата е задолжителна и дека нема да дозволат да се примаат невакцинирани деца во училиштата и градинките и покрај тоа што има контрадикторности во Законот за образование.

    „Волјата на родителот не може да биде посилна од правото на децата да бидат здрави. А притоа, не може една индивидуална постапка да го загрозува колективното здравје“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари