ЏАБЕ СНИМАТЕ АКО НЕ СФАТАТ ЗА ШТО Е ФИЛМОТ ВОДОИНСТАЛАТЕРОТ ИЛИ МААЛСКАТА ПРОДАВАЧКА, ВЕЛИ СРПСКИОТ АКТЕР ДРАГАН БЈЕЛОГРЛИЌ

    ЏАБЕ СНИМАТЕ АКО НЕ СФАТАТ ЗА ШТО Е ФИЛМОТ ВОДОИНСТАЛАТЕРОТ ИЛИ МААЛСКАТА ПРОДАВАЧКА, ВЕЛИ СРПСКИОТ АКТЕР ДРАГАН БЈЕЛОГРЛИЌ„Сега, со овие години и со ова искуство, никогаш не би отишол на воено подрачје и би снимал филм за војна што сè уште трае, без временска дистанца, без да ги земам предвид ризиците и можните последици“, рече Бјелогрлиќ за филмот „Убавите села убаво горат“ на мастеркласот на Скопскиот филмски фестивал. (Фото: К. Попов)

    Најкомплексното прашање кога почнуваш да работиш филм и кога ќе најдеш приказна е – за што всушност го правиш филмот? За што зборува тој филм?, рече легендарниот српски актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ на денешниот мастерклас на 26. Скопски филмски фестивал (4-9 ноември).

    Бјелогрлиќ (63) е специјален гостин на Фестивалот, а во разговор со модераторот, продуцентот Томи Салковски, во Младинскиот културен центар (МКЦ) зборуваше за филмовите во својата богата кариера, и како актер и како режисер.

    „Кога тргнуваш да снимаш филм, треба да му го раскажеш на својот водоинсталатер, на продавачката во локалната продавница. Ако тие не го разберат, сѐ е џабе.  Ако живееш во Македонија и имаш само едно кино, тешко е да снимаш филм за своите граѓани. Тоа се проблеми на инфраструктурата и кинематографијата, а не само на уметноста. Многу е тешко во малите земји да се снима филм, онака како што првично настанал, а тоа значи да снимаш филм за луѓето околу себе. Авторите во малите земји и средини се определуваат да снимаат филмови за фестивалите. Првата грешка што се прави е тоа што не можеш да снимаш филм со цел тој да биде прикажан на фестивал. Тогаш тоа станува посебен жанр,  фестивалски филм, како форма“, рече Бјелогрлиќ.

    Фестивалите бараат автентичност, вели тој, се бара вистинската автентичност на уметникот и неговиот израз. „ Не е баш лесно да се стигне до Кан или Берлин, но во ред е да се оди на фестивали. Еве, деновиве македонски филм („Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски – н. з.) победи во Токио и тоа е одлично. Тоа е одлично, тоа се големи работи“, додаде тој.

    Основните прашања при создавањето филм, кои што и режисерот, и продуцентот, и кинематограферот треба да си ги поставуваат се, како што рече: „Во какви услови го снимаме филмот, за кого го снимаме и на кој начин го снимаме?“

    Бјелогрлиќ првпат пред камери глумел на 15 години, во филмот на Бранко Бауер, „Бошко Буха“ (1978). Зборувајќи за студентските денови, и за тоа како почнал како актер, па стана режисер и продуцент, рече дека кога го завршиле снимањето на филмот, го прашал: ‘Што мислите, Бранко, дали можам да бидам актер?’ Бидејќи претходно немав никакво актерско искуство. Ме избраа на една случајна аудиција. Кастингот траеше доста долго и ја добив улогата на Сирогојна. Кога завршивме со снимањето, тој ми рече: ‘Па да, мислам дека можеш. Млад, но имаш талент и би можел да се занимаваш со глума. Но, можеби би можел да се занимаваш и со мојата работа,  режијата, бидејќи постојано едното око ти е зад камерата. Работиш, но постојано како да се гледаш себеси како го правиш тоа’. Таа негова реченица ми остана во сеќавање. Но, се разбира, глумата е страст. Кога дојде времето да се запишам на факултетот, прво се запишав на книжевност. Доста долго се спротивставував на влегувањето во светот на уметноста и филмот“.

    „Ако живееш во Македонија и имаш само едно кино, тешко е да снимаш филм за своите граѓани. Тоа се проблеми на инфраструктурата и кинематографијата, а не само на уметноста“, рече актерот. (Фото: К. Попов)

    Кога се запишал на Факултетот за драмски уметности, уште од првите денови постојано доаѓал кај својата генерација со некакви идеи и приказни. Постојано зборувавл за тоа како би можеле да снимат филм за  одредена тема, дека никој не снима такви филмови.

    „Зошто да не направиме филм за нашата генерација? Така, на пример, настана филмот ‘Ние не сме анѓели’ (Ми нисмо анђели). Зошто да не снимаме бунтовнички филм? За нешто што го живееме и слично. Токму тогаш почна да се покажува некоја моја друга димензија, дека не ме интересира само глумата, туку и раскажувањето приказни преку филмот. Така почнав да се занимавам со продукција. Сè уште немав храброст, ниту ми паѓаше на памет дека би можел да режирам. Добро е што не помислив на тоа, бидејќи за режија е потребно, ако веќе немаш завршено режисерско образование, да имаш големо искуство“, кажа Бјелогрлиќ.

    Во 1993 заминал во Лос Анџелес, како и многумина од неговата генерација, сакал да види дали може да се реализира таму, со оглед на тоа дека 1990-тите имаше војни и криза. Тогаш сфатил дека, ако сака да се занимава со глума, филм и уметност на неговиот  јазик, мора да работи таму каде што е роден, каде што припаѓа, и оттаму да ги раскажува приказните. Но, се разбира, вели, да се обиде да раскажува приказни што ќе го интересираат и светот.

    „Тогаш му се јавив на Срѓан Драгојевиќ и му реков: ‘Слушај, има една приказна за војната во Босна. Мислам дека овде, во Америка, сите зборуваат за војната во Босна. Ајде да направиме филм за војната во Босна. Тоа е нешто што во моментов го интересира целиот свет’. Се сеќавам дека Срѓан тогаш ми рече: ‘Па, како да снимаме филм за војната кога војната сè уште трае? Му одговорив: ‘Па да, тоа е ризик што мораме да го преземеме’. Се сеќавам дека тогаш му реков и: ‘Но, додека го напишеме сценариото, додека собереме пари и додека завршиме сè што е потребно, војната ќе биде завршена’. И, приближно така и се случи. Тоа беше голем ризик, нешто што можеш да го направиш само во годините што јас тогаш ги имав. Имав околу 30 години. Сега, со овие години и со ова искуство, никогаш не би направил нешто такво. Никогаш не би отишол на воено подрачје и би снимал филм за војна што сè уште трае, без временска дистанца, без да ги земам предвид ризиците и можните последици. Меѓутоа, се покажа дека храбрите одлуки и преземањето ризици можат да донесат успех, доколку се направи нешто квалитетно. Така се случи со филмот ‘Убавите села убаво горат’ (Лепа села лепо горе). Се разбира, ништо од тоа немаше да успее доколку филмот не беше добар и квалитетен“, рече Бјелогрлиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира