ШТИП ВО ПОСЛЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ ДОБИ ПОВЕЌЕ ДОКТОРИ НА НАУКИ ОТКОЛКУ ВО ПРЕТХОДНИТЕ 100 ГОДИНИ

    ШТИП ВО ПОСЛЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ ДОБИ ПОВЕЌЕ ДОКТОРИ НА НАУКИ ОТКОЛКУ ВО ПРЕТХОДНИТЕ 100 ГОДИНИТодор Џидров од Роднокрајното одделение ги претстави најновите доктори на науки, вкупно девет (Фото: СДК.МК)

    Со годинашните нови девет доктори на науки, Штип заокружува бројка од 279 доктори на науки, од кои 167 докторирале во изминатите 25 години, додека во претходните 100 години докторски титули стекнале само 112 научни работници.

    Во текот на 125 години, откако постојат високото образование и научно-истражувачката дејност на личности родени во Штип, кои потекнуваат од градот или се школувале во него, докторски титули стекнале вкупно 279 лица. Нивната научно-истражувачка работа опфаќа повеќе области и научни дисциплини.

    Пред 25 години, по повод Денот на ослободувањето на градот 8 Ноември, во Штип беа востановени „Митровденските средби“, на кои се промовираат новите доктори на науки, Промоциите традиционално се одржуваат во Националната и универзитетска библиотека „Гоце Делчев“.

    Така во изминатите 25 години, заедно со годинашните деветмина нови, Штип промовирал 167 доктори на науки. Но, според педантната евиденција на Делчо Везенковски, кој до пензионирањето долги години раководел со Роднокрајното одделение на библиотеката во Штип, а во последните години евиденцијата ја продолжува неговиот помлад колега Тодор Џидров, во претходните 100 години, докторски титули стекнале само 112 научници.

    Разликата во бројките, од една страна, покажува какви биле заинтересираноста и можностите на кандидатите тогаш и во поново време, а од друга, според мислењата на некои научници од постарите генерации, ги отвора прашањата за критериумите за докторирање.

    „Сите нивни трудови се депонирани во Роднокрајното одделение, а по потреба ги издава кога некои од читателите ќе пројават интерес за нив. Има оддели со трудови на доктори на науки пред и по Втората светска војна, како и дела на најновите доктори на науки“, вели сегашниот раководител на Роднокрајното одделение, Тодор Џидров.

    Проф. д-р Верица Јосимовска од Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во своите истражувања уште пред десетина години констатирала дека во историјата на Штип постои период на педагошките реформи на Јосиф Ковачев, роден во Штип. Неговото име е поврзано и со почетокот на модерната ера на педагошко-просветната работа во Штип и во поширокиот регион на Балканот.

    Според други истражувања, меѓу првите доктори на науки од Штип е Љубомир Милетиќ, научник од областа на филологијата. Тој и неговите колеги живееле во време кога високото образование се продолжувало во некој од балканските центри.

    Во последно време се зголемува бројот на жени кои докторираат, па во 2024/25 докторирале седум жени. (Фото: СДК.МК)

    Долга е листата на штипските доктори на науки по Втората светска војна. Меѓу нив се Емануел Чучков, доктор по географски науки и член на Президиумот на АСНОМ и генералот Михајло Апостолски, командант на партизанските одреди во Македонија и доктор по воени науки. На оваа листа е и Јордан Поп Јорданов, кој не е роден во Штип, но гимназија завршил во овој град. По докторирањето во областа на физиката, станал познат светски физичар.

    По нив доаѓа нова плејада доктори на науки, меѓу кои се поетот Ацо Шопов, академик на МАНУ и доктор по книжевност и литература, Киро Глигоров, кој како адвокат се занимавал со правни и економски истражувања и Александар Грличков, доктор по економски науки. На оваа генерација ѝ припаѓа и неговиот помлад колега Никола Кљусев, првиот премиер на независна Македонија.

    Има и доктори на науки кои со својата научно-истражувачка работа оставиле белег во светот. Меѓу нив се кардиохирургот Жан Митрев, Методи Чепреганов, доктор по медицински науки со 240 научни трудови напишани на македонски, англиски и француски јазик и Коста Балабанов од областа на историјата и археологијата.

    Хронолошки, во Роднокрајното одделение се наоѓаат и научните трудови на докторите на науки кои, се основачи на Универзитетот „Гоце Делчев“. Меѓу нив е Саша Митрев од областа на заштитата на растенијата и фитопатологијата, кој беше и првиот ректор на универзитетот.

    Во оваа група се и професорите Блаже Боев, доктор по геолошки науки, Тодор Серафимовски, доктор по рударско-геолошки науки и сегашниот ректор Дејан Мираковски. Овие тројца доктори на науки не се родени во Штип, но речиси целиот свој работен век или поголем дел од животот го поминале во градот под Исарот, а нивните трудови се дел од фондот на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.

    Поновата генерација ја предводи Панче Наумов, доктор по хемија, кој својата работа ја започнал во еден од најпрестижните институти во Јапонија. Тука е и Наташа Атанасовска-Мешинковска, докторка по молекуларна биологија, која докторирала на Универзитетот Ирвин во Калифорнија, каде што работи како експерт по дерматологија.

    Во 2023/24 година, во Роднокрајното одделение се најдоа и истражувачките трудови на седум жени доктори на науки. Меѓу нив е Драгана Папарова, која докторирала на Универзитетот Агдер во Норвешка, каде што станала експерт за информациски системи.

    Во последните неколку години значително се зголемува интересот за докторирање во областите на медицинските, фармацевтските и стоматолошките науки. Така, минатогодишната листа ја предводат Сашко Николов, Габриела Димова, Елена Личкова и Благица Крстеска.

    Сличен тренд бележи и годинашната генерација доктори на науки, чија промоција се одржа на годинашните „Митровденски средби“. Беа претставени девет нови доктори на науки: Љубица Прошева-Пеливанова и Љупка Арсовски по стоматолошки науки, Дијана Мицева, Паулина Апостолова и Дино Карпичаров по фармацевтски науки, Ана Панева и Гоце Коцевски по правни науки и Ана Тасева-Василева и Васко Демјански по медицински науки.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира