ЗАЈКОВА ОБЈАВИ ПЕТИЦИЈА ДА СЕ ВОВЕДАТ ЕЛЕКТРОНСКИ НАРАКВИЦИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НАСИЛНИЦИТЕ, ОТКАКО СОБРАНИЕТО ДВАПАТИ ГО ОДБИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ

    ЗАЈКОВА ОБЈАВИ ПЕТИЦИЈА ДА СЕ ВОВЕДАТ ЕЛЕКТРОНСКИ НАРАКВИЦИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НАСИЛНИЦИТЕ, ОТКАКО СОБРАНИЕТО ДВАПАТИ ГО ОДБИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТВо март годинава пратеничкото мнозинство го одби предлогот на Зајкова за воведување електронска нараквица за сторители на семејно насилство. (Фото: К. Попов)

    На барање на граѓаните е покрената петиција со која се бара воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно насилство, соопшти претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова. Во петицијата стои дека се бараат 10.000 потписи за референдум за итно воведување на електронска нараквица, која ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание.

    ЛДП во рок од една година двапати поднесе предлог за измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и двапати беше одбиен од собраниското мнозинство. Првиот пат беше одбиен со образложение дека се потребни подетални анализи. Во март годинава, пратеничкото мнозинство го одби предлогот на Зајкова за воведување електронска нараквица за сторители на семејно насилство. Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.

    „Пратениците од мнозинството денес повторно избраа да бидат соучесници во насилството наместо превенција, одбивајќи го по вторпат предлогот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на насилство, мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита. Предложените измени, покрај изречената забрана за приближување, бараат сторителот да носи електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека истиот се приближува до одредено место, односно на одредена оддалеченост. Без збор. Без аргумент. А, утре ќе изразуваат жалење за секој нов случај што не го превенирале“, ни изјави пратеничката Зајкова на 18 март.

    На 5 март, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека смета оти институционалната превенција доживеала пораз, со оглед на фактот што во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид. На пленарната седница во Собранието по повод Меѓународниот ден на жената, таа изнесе податоци според кои во текот на 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства.

    Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе!“ денеска организира протестен марш во Скопје против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. а повод е убиството на 17-годишната Билјана Ќириќ од Богданци. Од иницијативата велат дека Билјана претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира