Доналд Трамп изјави дека неговата репресија против имиграцијата била премногу строга, признавајќи дека тоа веројатно влијаело врз поразот на неговата партија на неодамнешните меѓуизбори во САД.
Во интервју за Си-Би-Ес, Трамп рече дека верува оти заслужува „5 плус“ за драстично ограничување на нелегалните преминувања на границата, но дека бил политички повреден од масовните депортации. Неговото признание уследи и покрај тоа што неговиот Оддел за внатрешна безбедност инсистираше дека репресијата ќе продолжи.
Анкетите на денот на изборите покажаа дека имиграцијата е третото најважно прашање за гласачите, по економијата и состојбата на демократијата. Во историски конзервативните држави како Тексас, свртувањето на латиноамериканските гласачи кон демократите помогна да се запечати убедливото мнозинство на Демократската партија во Конгресот.
„Имиграцијата и им помогна и им наштети на републиканците на изборите. Мислам дека добив 5+ за затворањето на границата. Но, јас сум повреден, затоа што избркавме и луѓе кои имаа добри работни места, но тие го прекршија законот со тоа што влегоа во земјата нелегално. Мислам дека бевме премногу цврсти“, рече Трамп.
Тој додаде дека би сакал да направи нешто за имиграцијата со демократите во Конгресот, без да понуди детали.
Во исто време, портпаролка на Белата куќа вети дека „администрацијата нема да ги забави своите напори за апсење и депортирање на криминални нелегални мигранти кои ги тероризираат нашите заедници“.
По изборниот пораз, потпретседателот Џеј-Ди Венс се чинеше отворен за прилагодување на нивната стратегија за имиграција.
„Отворен сум за идејата дека треба да го промениме спроведувањето, со тоа што ќе се фокусираме повеќе на бизнисите што вработуваат нелегална работна сила, на пример“, кажа Венс.



