Во зградата на Општина Брвеница, претседателката на Општинската изборна комисија Брвеница, Недиме Салаи, денес му го предаде решението за избран градоначалник на општината на Аркин Јахији. Јахији, како кандидат на коалицијата НАИ предводена од ДУИ, по вториот круг од предвремените избори одржани на 1 ноември освои 4.442 гласа, наспроти противкандидатот Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 4.184 гласа.
По доделувањето на решението, Јахији кажа дека во изборната програма се залагал за пофункционална општина, нови работни места, поддршка за младите и семејствата, како и локална власт со одговорно управување. Според него, во иднина во општината ќе се отворат две нови канцеларии: за иселениците и за бесплатна правна помош.
„Јас, како градоначалник на Општина Брвеница, ќе бидам отворен за сите граѓани, без разлика на етничката, партиската или која било друга припадност. Вратата на општината ќе биде отворена за сите, ќе бидеме блиску до граѓаните за да им го олесниме животот“, рече Јахији.
Вработените во општината му посакаа добредојде со голема торта.
Аркин Јахији е роден на 17 март 1981 година во Тетово. Во 2005 година дипломирал правни науки на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), а во 2015 година таму се стекнал и со звањето магистер по компаративна јавна администрација на Европската Унија. Има долгогодишно искуство во државната администрација.
З. АНДОНОВ



