Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја бранеше војната во Иран откако излезе пред новинарите за првпат по шест месеци, додека самиот се соочува со постапка на отповикување во Конгресот. Тој ја опиша американско-израелската војна против Иран како историска воена победа.
„Иранската војска сега е во урнатини. САД не ја започнаа оваа војна, Иран ја започна пред 47 години. Претседателот Трамп го направи тешкиот, но правилен потег за безбедноста и сигурноста на Америка. Тој не го одложи решавањето на проблемот, туку им ги искрши забите“, кажа Хегсет.
Доналд Трамп и Белата куќа негираа дека Хегсет ќе биде сменет по поразот на републиканците на меѓуизборите минатата недела. Трамп вчера кажа дека го поддржува Хегсет, велејќи дека „тој победил во две војни“.
Републиканскиот пратеник во Претставничкиот дом, Томас Маси, вчера поднесе резолуција за отповикување на Хегсет, кој го опиша обидот како фарса и саботажа.
„За 250 години ниеден министер за војна не бил подложен на постапка за отповикување поради спроведување законити воени операции. Оваа резолуција им порачува на нашите непријатели дека САД всушност ги казнуваат сопствените воини и цивилно раководство за успешното спроведување на законити воени операции. Ова не е патриотизам. Ова е саботажа. Задачата на оваа влада е да ја штити земјата и да ги порази нејзините непријатели“, возврати Хегсет.



