ОД 12 ДО 14 НОЕМВРИ ПО ВТОРПАТ РЕВИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ВО БЕЛГРАД

    ОД 12 ДО 14 НОЕМВРИ ПО ВТОРПАТ РЕВИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ВО БЕЛГРАД„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал во 2025, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. (Фото: Продукција на филмот)

    Ревијата на македонскиот филм во Белград по вторпат ќе се одржи од 12 до 14 ноември во културната установа „Пароброд“, со програма во која се вклучени играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастерклас и музичка програма.

    На тридневната ревија ќе бидат прикажани „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски и четири краткометражни филмови од македонски автори.

    „Исцелител“ ќе се прикаже вечерва, а Ставрески утре (13 ноември) ќе одржи мастерклас на тема „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на филмското раскажување и авторскиот процес. Утре на програмата е „Балканот не е мртов“, а документарниот филм „Приказната за Силјан“ ќе се прикаже на 14 ноември. На проекцијата ќе присуствува и Котевска и ќе има средба со публиката.

    На програмата на 14 ноември се и краткометражните филмови „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески.

    „Покрај филмските проекции, ревијата ќе понуди и архивски филмски журнали посветени на филмската и културната историја на Македонија, дел од кои досега не биле прикажани пред пошироката јавност“, вели организаторот Јорданчо Петковски .

    Влезот за сите програми е бесплатен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира